„Дозволете ми да го одбележам и чинот на нашето формално зачленување во НАТО Алијансата, кој ќе се случи денес во 11:30 часот, според американско време, во главниот град на САД. Иако поради тешкиот период низ кој поминуваме не можеме да се израдуваме и да ги одбележиме овие настани како што доликува, сепак, станува збор за историски успеси кои по три децении независност, конечно ја потврдуваат македонската безбедност и ја гарантираат нашата иднина“, рече претседателот Стево Пендаровски, во обраќање до јавноста.
Единица на артилерискиот баталјон на Армијата денеска во 18:00 часот од касарната „Илинден“ во Скопје ќе изврши артилериска стрелба со истрелување на шест плотуни од артилериски орудија по повод приемот во НАТО.
Како што информираат од Армијата, почесната стрелба е по повод депонирање на пристапниот протокол на Република Северна Македонија во Стејт Департментот со што земјава официјално станува полноправна членка на НАТО.