Орданоски: За десет години украден еден буџет на земјата

Нема многу примери во светот каде некоја власт крадела по еден годишен буџет на деценија, бидејќи и други краделе милијарди од своите граѓани, ама тоа се случувало ако не во побогати, тогаш во многу поголеми држави во светот.

Во минатиот број на Глобус пренесовме дел од излагањата на четвртата сесија на Трибунус цивилис под наслов “Злосторството над јавните пари”. Само да потсетиме накусо дека Судот за кого станува збор а кој ја одржа сесијата во библиотеката на Правниот факултет, има намера целосно да ја реанимира улогата на граѓанското општество во Македонија и него да го постави како главен фактор, наспроти државата и партиите. Во овој текст го презентираме излагањето на новинарот Сашо Орданоски кој ја имаше улогата на јавен обвинител. Излагањето е незначително скусено.

НАЈСИРОМАШНИ Ние немаме намера, сега и овде, да ги докажуваме размерите на тој криминал, бидејќи тие денеска секому му се добро познати, а најдобро се илустрираат со податоците од СБ кои велат дека Република Македонија, после години и години надолни трендови, во 2016 година е најсиромашната држава на европскиот континент, во која 9 отсто од населението (и тоа доколку с? уште сметаме дека н? има два милиони тука), односно 180.000 луѓе живеат во тотална сиромаштија, опстанувајќи со помалку од 60 денари дневно!

Друг посреден, но цврст доказ за сторените мега-криминали е податокот дека Македонија стана земја во која социјалните разлики меѓу најсиромашните и најбогатите се најголеми во Европа, а во која само 2 отсто од државниот буџет се издвојува за социјална помош, иако во поразвиените европски земји тој просек е околу 13 отсто. Тоа се нарекува, “на жива рана, жива сол”! Истовремено, сите меѓународни рејтнзи кои ја претпоставуваат корупцијата и криминалот во земјата се драстично влошени, а самата Европска Унија за ова, меѓу другото, вели: “Корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да биде сериозен проблем … (Во борбата против корупцијата) има потреба за убедливи постапки, особено во случаите на корупција на високо ниво … Капацитетот за правно гонење и истрага на финансиските криминали и за конфискување на криминално стекнатиот имот мора и понатаму да се развива – речена почетокот овој говорник.

ЗЕМЈА СО СПЕЦИЈАЛЕН ОБВИНИТЕЛ Уште повеќе, продолжи тој, ова е земја во која 15-тина месеци работи и Специјално јавно обвинителство кое има за задача да ги истражи индициите за, меѓу другото, огромните криминални активности на сегашната власт, а за кои Специјалниот обвинител веќе и јавно се изјасни дека, со сосема првичен увид во дел од индициите, ја оштетиле државата за над 500 милиони евра јавни средства. Оваа проценка, според нас, е многу конзервативна и може да се третира само како некомплетна, бидејќи овој Обвинителен акт секако смета дека сумата украдени јавни пари од македонските граѓани се мери во износ од неколку милијарди евра, а не би било претерување да се предвиди дека тој износ, всушност, одговара барем на еден цел, сегашен, годишен буџет на државата Македонија од околу 3 милијарди евра, или е приближен на вкупното задолжување на државата во последните десетина години од 4 милијарди евра!

Нема многу примери во светот каде некоја власт крадела по еден годишен буџет на деценија, бидејќи и други краделе милијарди од своите граѓани, ама тоа се случувало ако не во побогати, тогаш во многу поголеми држави во светот.

КРИМИНАЛИ И ШТЕТИ Секако, на ова место треба да се каже дека во апроксимациите на штетата од владеењето на сегашната гарнитура на власт не се влезени криминалите кои се случиле во областа на продажбата, присвојувањето или концесионирањето на македонското урбано и рурално земјиште – за таа проценка ќе бидат потребни експертизи и истражни дејствија кои, до паѓањето на овој режим во Македонија, е невозможно сега да се направат.

Исто така, овој обвинителен акт не се занимава ниту со среднорочните и долгорочните штети направени врз македонското општество заради големите метастази на криминалот и корупцијата инспирирани, планирани и изведени од страна на власта. За тоа ќе се пишуваат уште безброј студии и докторски дисертации во оваа земја. Како, на пример, да се пресмета штетата предизвикана од заминувањето на најмалку 25 отсто од човечкиот капитал во земјава, за чие отселување криминалот и корупцијата во државата имат многу директни и безброј индиректни заслуги?

Затоа, Почитуван Суде, она што ние денеска го застапуваме во овој обвинителен акт е дека криминалот и корупцијата во Македонија во изминатата деценија не се резултат, само, на одредени криминални дела кои во континуитет се случуваат во Македонија, од нејзиното осамостојување до денес, како некаква несреќна и неприфатлива традиција на секоја транзициска демократска држава; туку дека се работи за посебно обмислен и спроведен план за пљачкосување на земјата.

ВНИМАТЕЛНО ПЛАНИРАН ПРОЕКТ Со други зборови, не станува збор за некакаов општествен ПРОЦЕС, туку за внимателно планиран ПРОЕКТ кој е егзекутиран од страна на организирана криминална банда која ги узурпираше државните и демократските институции во општеството за, потоа, истите да ги инструментализира и злоупотреби за своите криминални, а веројатно и политички цели.

Во таа смисла, дозволете да се осврнеме на изнесување на трите клучни ДОКАЗИ кои го разоткриваат криминалот на овој внимателно планиран и методично изведен грабеж.

ПРВ ДОКАЗ: ЗА ОРГАНИЗИРАНАТА БАНДА Сите релевантни домашни, но и меѓународни организации, од Европската Унија до Фридам Хаус, кои се занимаваат со редовно следење и оценка на ситуацијата во државата, здушно ги констатираат трендовите на драстично влошување на состојбите со криминалот и корупцијата во земјава, не пропуштајќи да забележат дека овие поразителни општествени појави се должат на, цитирам, “high-ranking government officials’ involvement in a number of corruption schemes” (“високи владини функционери вмешани во бројни коруптивни шеми”).

Дека се работи за организирана група која спроведувала ПРОЕКТ, со умисла, го покажува и начинот на кој е градено кадровскато распоредување на главните извршители на овој проект: на врвот се наоѓа главата на Фамилијата, омнипотентниот и семоќен шеф на тајната полициска служба, додека неговиот прв братучед, со извесна пониска интелектуална супстанца, е поставен за премиер на државата, а неговиот кум за шеф на трезорот со јавните пари, односно Министерството за финансии; братот на шефот на тајната служба е висок службеник во Македонската царина, бидејќи тоа е каналот по кој се контролира с? што се увезува и извезува од државата; баџанакот на шефот на тајната служба е Јавен обвинител за гонење на организиран криминал, за да се спречи секоја можност некој професионалец од обвинителската струка, сепак, да се одважи и да се сети да го гони криминалот по закон. А потоа мрежата на сопруги и сопрузи, блиски роднини, кумови, баџанаци, балдски и сватови се разгранува по хоризонтала и по вертикала, низ сите клучни институции или управни одбори на јавни претпријатија во државата, но пред с? низ оние кои треба да го контролираат или гонат криминалот: МВР, Финансовата полиција, Управата за спречување на перење пари, судството и обвинителството, ДКСК и сите други државни агенции и дирекции кои би можеле да го вклучат алармот. Таму каде што недостасувале роднински кадри, беспоговорната лојалност се бара низ партиската инфраструктура, но се внимавало сите вклучени во процесот да имаат соодветен бизнис или друг материјален и нематеријален интерес (вработувања, субвенции, станови, баснословни патни трошоци, лечење во странство, вклученост во дилерски мрежи, луксузни патувања по егзотични локации, поврзување во кругови во кои се дистрибуирале сексуални услуги од секаков вид итн.), за лојалноста кон шефовите на оваа монструозна корумптивна мрежа да не се доведе во прашање.

Така, Почитуван Суде, според доказите изнесени во овој обвинителен акт проценката е дека најважната кадровска инфраструктурна мрежа на масивниот проект за пљачка на државата, покрај цврстото јадро на Фамилијата на врвот, опфаќа уште 100-тина други семејства чии членови биле поставувани и ротирани по хоризонталите и вертикалите на државната управа (и на национално и на локално ниво) и уште 100-тина семејства надвор од институционалната државна структура, а преку чии бизниси и компании, во земјата и во странство, и легално и нелегално се празнеле јавните фондови и нашите јавни пари биле префрлани во нивните приватни џебови.

Како посреден доказ за ова што го говориме може да послужи и еден нецелосен список, направен парцијално и во паника пред налетот на СЈО, каква што е листата за аболиција на претседателот Ѓорге Иванов на која се наоѓаат 56 аболирани лица со 216 кривични дела. Кога би се доразвиле соработничките шеми на таа листа со неколкуте десетици аболирани функционери и бизнисмени на власта, задоволително комплетираниот список би можел да се состави релативно брзо и би содржел не повеќе од неколку стотици лица со неколку илјади кривични дела – ни едно од тие дела не носи помалку од три години затвор, а секако би имало редица осомничени кои заслужуваат доживотни робии.

ВТОР ДОКАЗ: ЗА ПОДГОТОВКИТЕ И МЕТОДИТЕ За да го спроведат својот план за методично пљачкосување на граѓаните и на државата, организираната криминална банда на власт уште на почетоците од своето владеење во втората половина на минатата деценија воведе тнр. “рамен данок” кој резултираше со неверојатни ефекти: денеска сиромашните во Македонија плаќаат највисок данок во Европа, а богатите најнизок – а токму припадниците на владејачката олигархија и нивните бизнис привезоци се и најбогатите луѓе во државава!

Во внимателно подготвуваниот криминален чин, власта предвреме го исплати, по поскапа цена, долгот на државата кон ММФ, за да го отстранат тој ефикасен механизам за мониторирање на трошењето на државните пари во земјата. Потоа тие – всушност, не повеќе од два-тројца луѓе – станаа единствените контролори и “чувари на тајната” на јавните финансии.

Понатаму, тие ги завладеаја и сите демократски полуги вон извршната власт, а пред с? Собранието на Републиката, кое е клучниот фактор во одобрувањето и контролата на големината на јавните пари што наменски ќе се трошат во државата. Тие комплетното собраниско мнозинство, составено од пратениците на ДПМНЕ и ДУИ, ги третираа и ги “оперираа” како безгласна гласачка машина, празноглавци кои испорачаа 100%-тен учинок во законодавното процесуирање и одобрувањето на сите желби и барања на криминалната врхушка во власта.

А потоа се фрлија на работа: од една страна, со години по ред, донесуваа стотици нови закони кои, секој еден, на еден или друг начин, во помала или поголема мерка, ги зацврстуваше нивните владејачки позиции и ја отстрануваше вон-институционалната контрола на системот; од друга страна, пред секое донесување на нов закон, прецизно ги предвидуваа сите трошоци за негово спроведување и, соодветно, изградија цела структура од приватни фирми и корпорации кои требаше “на плеќи” да го дочекаат новото трошење на јавните пари. Така, нивните приватни компании, често лоцирани и во оф-шор зоните на некои тропски острови, “дигестираа” стотици милиони евра за “технократските, модерни зафати” на новата власт: од масовните набавки на компјутери и друга технологија за секое дете и за секој член на државната администрација, преку, на пример,законското воведувањде на апаратите за дефибрилизација или за гасење пожар во автомобилите, до садниците на борови и палми, апаратите за здравството, машините за земјоделието, постројките во енергетиката, апаратите за илегално прислушување итн. Ништо, буквално ништо не се препушти на случајот или на слободната конкуренција на пазарот, од катните гаражи, превозот на учениците и такси-компаниите, до градењето авто-патишта и увозот на енергенсите. Склони сме на мислење дека не постои јавен тендер кој не е наместен, а во кој Фамилијата или партиите на власт не засметале процент за себе!

Во овој контекст, почитуван Суде, како крунски доказ и илустрација за големината, организираноста и опфатот на пљачката секако е случајот “Скопје 2016” – според наши проценки, над една милијарда евра народни пари дел потрошени и, уште поголем дел, украдени и испрани како во класичните случаи на мафијашките градежни операции низ светот.

Паралелно со овие постапки, секоја година го зголемуваа државниот буџет, создавајќи поголема основа за кражбата. Од 2006-2016 година износот на државниот буџет е дуплиран, иако вкупната инфлација за овие десет години е само 25%, а ниеден раст во стопанството, од платите и пензиите, до државните инвестиции или растот на вкупната економија не е ни оддалеку двојно зголемен. Само рекетите и криминалните провизии ја надминаа ставката на двојно, тројно и којзнае колкаво зголемување!

Почитуван Суде, би сакал да подвлечам дека голем дел од вака, “законски” потрошените милијарди евра дури не се ни засметани во вкупната пљачка на државата, бидејќи без разлика колку тие трошоци да биле бесмислени и отворено коруптивни, зад нив постоел некаков законски основ или одлука на надлежни државни тела. На пример, кога ќе купите автомобил од 600.000 евра за премиерот и неговото семејство, за тоа – толку будали не биле – имало соодветна одлука на државните органи, но никој не може да спори дека се работи за политичка и морална криминална неодговорност која е од онаа страна на законот, а и здравата памет.

Од друга страна, за што немаа веќе регистрирана своја фирма за трошење на јавните пари, задолжително земаа рекети, поткупи, рушвети и проценти, дел за партиите на власт, а дел за своите лични и семејни џебови.

Па, тука доказите речиси не се ни неопходни: според сите достапни инфорнации, ДПМНЕ денеска е една од најбогатите партии во Европа, во една од најсиромашните држави во Европа!

Целиот текст објавен во Глобус прочитајте го тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e