По неколкуте недели тестирање и испраќање опомени по СМС, Министерството за внатрешни работи сепак реши да ја одложи официјалната примена на системот „Безбеден град“ („Сејф сити“). Наместо како што беше најавено – од 1 јануари – регистрирањето и санкционирањето преку камерите ќе започне на 1 февруари 2026 година, информираат од МВР за „360 степени“.
Од Министерството нагласуваат дека од февруари системот ќе биде активен во Скопје, Тетово и Куманово, како и на главните транспортни коридори 8 и 10. Во тест-периодот камерите веќе препознаваат прекршоци, но наместо казни се праќаат само предупредувања, што властите го користат како подготовка за целосната примена.
Одложувањето доаѓа во момент кога се разгледуваат и дополнителни корекции – дел од раководството на МВР последниве денови отвори можност за воведување толеранција во ограничувањето на брзината, со опција да не се казнуваат возачи кои возат 52–53 километри на час во зона каде дозволеното е 50.
Со новиот датум, институциите добиваат уште еден месец за усогласување на системот, додека возачите – уште малку време за прилагодување пред камерите да почнат да испраќаат вистински казни.
