Истрагата на МВР поврзана со вчерашното апсење на неколку лица од Крива Паланка и Битола а кои се сомничат за тешка кражба, добива нови димензии. Истата е проширена и во неа се опфатени нови лица.
Ипортал дознава дека на сите кои беа приведени во текот на вчерашниот ден, од страна на судот им е одредена мерка притвор. Покрај едно лице од Битола и неколку од Крива Паланка, меѓу кои и синот на шоферот на градоначалникот Арсенчо Алексовски, уапсени се дополнително уште едно лице од Битола и едно од Куманово. И на нив им е одреден притвор.
Од МВР истовремено работат на евентуална поврзаност на оваа група со уште неколку разбојништва и кражби во Крива Паланка, а кои според неофицијални информации цело време биле штитени и логистички потпомогнати од одредени локални полициски службеници.
Името на таткото на еден од приведените, односно шоферот на градоначалникот, во минатиот период во повеќе наврати беше поврзуван со неколку прекршоци и физички пресметки, но непознато е дали против него до сега има процесуирано било каква пријава, знаејки дека е под затскрила на градоначалникот Алексовски.
Останува да видиме дали од дополнителните истраги на МВР ќе се утврди или поведе постапка за вмешаност на оваа криминална група и во други случаи.
Дефинитивно, по смената на началниците во МВР, шилото на вистината за сите криминали кои во минатото биле затскривани, полека но сигурно излегува на површина.