Одолговлекувањето на формирање Влада може да ги одложи локалните избори

Одолговлекувањето на формирање Влада и формирање парламентарно мнозинство може да го одложи одржувањето на локалните избори, предупредуваат експертите. Неопходно е час поскоро да се постигне компромис, бидејќи само Претседателот на Собранието е тој кој може да ги распише.

Професорот Беким Кадриу вели дека во Изборниот Законик прецизно е наведено дека од денот на распишување до денот на одржување на изборите не може да поминат повеќе од 90, ниту помалку од 70 дена.

Изборите за членови на совет и за градоначалник треба да се одржат во првата половина на мај. Кадриу смета дека нивно одложување може да влијае врз уставното и законското функционирање на сите органи на локалната самоуправа и во Градот Скопје како посебна единица.

Според Аналитичарот Митко Гаџовски моменталната ситуација во која се наоѓа државата е неодржлива. Отежнувачка околност е и фактот што на ниту една партија не и е даден мандатот, сите преговараат, стеснет е кругот на информации, се воздржуваат од коментари и го чекаат исходот. Решение треба брзо да се најде.

И Гаџовски и Кадриу се убедени дека постизборната криза нема да се провлекува долго , партиите ќе се однесуваат разумно, ќе донесат правилни одлуки со што ќе се воспостави политичка стабилност на земјата.

Извор: Телма

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e