Одлуката за лустрација на академик Божин Павловски што ја донесе Комисијата за верификација на фактите е поништена од Вишиот управен суд на Република Македонија.
“Одлуката на Комисијата за лустрација на Божин Павловски се поништува поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба“, стои во образложението на одлуката на судот, донесена на 12 декември минатата година.
Божин Павловски беше лустриран по неговата жестока реакција во медиумите по повод лустрацијата на починатиот академик Славко Јаневски.
Академик Божин Павловски е автор на деветнаесет романи, високо вреднувани од страна на домашната и странската литературна критика. За своето богато творештво добитник е на национални и меѓународни награди и признанија,меѓу кои на наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата во Република Македонија и на Интербалканската награда во Солун, Грција. Негови дела се преведени на: англиски, албански, грчки, турски, романски, полски, чешки, италијански, бугарски, руски, српски, словенечки, украински и француски јазик.