Одлуката на судијката да ги отфрли прислушуваните материјали со нарачаните шамари како доказ не е во согласност со стандардите на фер судење, укажува експертската јавност. И покрај тоа што се отвори дилемата дали со ваквото решение се отвора патот за натамошно неприфаќање на бомбите и во други случаи, сепак експертите укажуваат дека секој предмет е сам за себе но и дека судиите ќе мора сериозно да ги прифатат со оглед на фактот што и Специјалното јавно обвинителство е формирано токму поради овие материјали.
„Ние од сите страни имаме заклучоци дека ние сме заробена држава, ние сме држава каде што и институциите се заробени. Специјалното јавно обвинителство се формира за да се на некој начин оттргне од оваа заробеност,“ вели Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија на ЕСЧП.
„Специјалното јавно обвинителство постои токму поради тие снимки, односно кривични дела кои произлегуваат или се поврзани со тие снимки. Ако сме ги оснажиле за да формираме врз основа на тие снимки обвинителство, апсолутно мораме да ги земеме во предвид. Не би зборувал и за јавниот интерес кој е тука многу поголем,“ вели Звонко Давидовиќ, адвокат.
Давидовиќ уште укажува и дека поради тоа што судот има двојни аршини во постапувањето се покажува потребата од неопходноста на специјалниот суд.
„Знаете како, овој суд постојано има проблеми. И овој суд постојано има двојни аршини. Значи, еден е аршинот спрема СЈО, еден е аршинот кон редовното обвинителство. Зошто? Во претходниот ден, во судница над судницата 1 во која се оддржуваше, ние имавме снимки за кои нема посебни истражни мерки, кои што се од камера од зграда па беа прифатени и ги гледавме. Двојните аршини и селективната правда укажува дека сме многу во право каде што предлагаме постојано специјално одделени во тој Кривичен суд,“ вели Звонко Давидовиќ, адвокат.
Не може никаков криминал да се штити со само формалистичко отфрлање на докази дека се незаконски снимени материјали, укажува Цаца Николовска.
„Со ваков екстремен формализам, ние, повторно ќе кажам, не одиме во делот на она што значат стандарди, фер постапување, еднаквост на странките во постапката, а ко сакате, верба на граѓаните во судството,“ изјави Цаца Николовска, поранешен судија на ЕСЧП
И Цаца Николовска и Давидовиќ истакнуваат дека и покрај ваквата одлука ниту Никола Груевски, а ниту другите осомничени и од овој но и од други случаи, не можат да се чувствуваат комотни. Кога цела држава може да слушне како тогашен премиер нарачува шлаканици и кога се води постапка во суд против него, нормално е дека тој не може да биде комотен дури и кога судијата ги отфрла доказите, потенцираат тие.
Извор: 24 Вести