Кој го фотографирал бегалецот Никола Груевски во Будимпешта ќе истражува обвинителството за организиран криминал. Шефицата на обвинителството Вилма Русковска наредната недела ќе ги земе снимките од Црна Гора, а ургирале во албанското обвинителство. Досега не се знае како поранешниот премиер Груевски излегол од дома, а за две недели Русковска најави дека ќе соопшти детали откако целосно ќе ги прегледаат снимките.
„Во обвинителството ќе бидат повикани сите за кои сметаме дека можат да дадат одредени информации во врска со бегството. Ние досега, имаме сослушувано лица од неговото обезбедување, така што ќе продолжиме во таа насока“, изјави јавната обвинителка на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Министерството за правда сè уште не побарало ургенција од Унгарија за екстрадицијата на Груевски. Ќе ги чекаат роковите.
„Ја видов фотографијата. Мислам дека нема човек во Македонија што следи медиуми што не ја видел. Имајќи ја предвид досегашната пракса и роковите по коишто се одговора, ние се уште немаме добиено ништо од Унгарија во поглед на нашето барање за екстрадиција. Сепак оние пристојни рокови не се изминати“, изјави министерката за правда Рената Дескоска.
Фотогарфијата како Груевски шета во Будимпешта на „Твитер“ ја објави новинар на „Гардијан“.
„Те фатив. Побегнатиот поранешен премиер на Македонија, Никола Груевски, забележан во Будимпешта“, напиша новинарот на „Твитер“.
Пред еден месец, откако полицијата не го најде Груевски, тој сам обелодени дека е во Будимпешта, за подоцна да се пофали дека добил политички азил. На поранешниот премиер Никола Груевски му се суди во четири постапки, а е осуден на двегодишна затворска казна за нарачката на луксузниот „мерцедес“ од 600.000 евра.
Извор: 1ТВ
