Влатко Трајковски, еден од обвинетите за „27 април“, давајќи ја својата одбрана пред судот во детали раскажа како се подготвувал упадот во Собранието.
Појасни дека по изборите во 2016 година биле повикани на партиски состанок за протестите кои требало да се оддржат пред ДИК.
-Ни беше кажано дека сме ги изгубиле изборите бидејќи нашите не предале. Беше наредено, буквално секој да излезе на протестот пред ДИК. Им велеа доколку не излезат комуњарите ќе дошле на власт и ќе ги бркале од работа. Психички им го переа мозокот, појасни Трајковски.
По состанокот му рекле тој да остане, бидејќи имало насоки што да се прави.
-Планот беше да се обезбедат спремни луѓе кои во даден момент ќе треба да дејствуваат по одредени насоки. Тогаш прашав, „да не зарати пак?“, по што ми одговори „на тоа оди!”, рече Трајковски, кој самиот истакна дека прекар му е Луди.
Тој појасни дека на 11 декември 2016 година им рекле да се мобилизираат за да одат пред ДИК. Го посоветувале да си обезбеди пет лица кои ќе му го чуваат грбот и кои ќе молчат како риби.
-Буквално бев на секој протест. Не си одев дома, туку спиев во автомобил на паркинг. Само татко ми знаеше кај сум, рече Трајковски.
По тие протести дојде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој имаше излагање дека сега е времето да се покаже која е силата на ВМРО.
Потоа следувале и протестите против „Тиранската платформа“, организирани од „Заедничка Македонија“.
-Имаше партиска наредба на протестите да одат сите членови. Единствено оправдување можеше да биде болст или смрт. Тие што ќе дојдеа на протест се потпишуваа на список лично, и мораше да се остане до крај. И јас одев бидејќи бев патриот и член на ВМРО-ДПМНЕ. Инаку се правеше слика дека партијата не стои зад протестите, појасни обвинетиот.
Тој ја изгубил работата поради протестите, а потоа кога нашол нова работа велеше дека не одел толку редовно.
-На протестите го гледав обезбедувањето на Мијалков, но и многу началници и инспектори од МВР.
Извор: ФОКУС
