Сингапур го има најмоќниот пасош во светот, со безвизен пристап до 192 од вкупно 227 дестинации, покажува најновиот глобален индекс за патни исправи. На второто место се Јапонија и Јужна Кореја, чии државјани можат да патуваат без виза во 188 земји, објави CNN.
Веднаш зад нив следуваат европските земји Данска, Луксембург, Шпанија, Шведска и Швајцарија, кои го делат третото место со пристап до 186 дестинации. Европа силно е застапена и на четвртата позиција, каде со 185 дестинации се рангирани десет земји, меѓу кои Австрија, Белгија, Финска, Франција, Германија и Италија.
Хрватска се најде на шестото место, со безвизен пристап до 183 земји, позиција што ја дели со Чешка, Естонија, Малта, Нов Зеланд и Полска.
Најголем напредок во 20-годишната историја на индексот бележат Обединетите Арапски Емирати, кои од 2006 година добиле 149 нови безвизни дестинации и напредувале за дури 57 места. Спротивно на тоа, Обединетото Кралство го забележа најостриот годишен пад, со осум дестинации помалку од лани и вкупно 182.
Соединетите Американски Држави се вратија на десеттото место со 179 дестинации, но зад нив се наоѓаат уште 37 земји со слично ниво на патна слобода.
Експертите посочуваат дека силата на пасошот е директно поврзана со геополитиката. „Моќта на пасошот ја одразува политичката стабилност, дипломатскиот кредибилитет и влијанието врз меѓународните правила“, наведува новинарот и академик Миша Глени.
На дното на листата се наоѓа Авганистан, чиј пасош овозможува безвизен влез во само 24 дестинации, по што следуваат Сирија со 26 и Ирак со 29. Разликата меѓу најмоќниот и најслабиот пасош изнесува дури 168 дестинации.
Според Кристијан Х. Келин, претседател на Henley & Partners, глобалната мобилност продолжува да расте, но придобивките сè повеќе се концентрирани кај економски најсилните и политички најстабилните држави.
