Новогодишно мени од соништата на ГРУЕВСКИ

Во 2010 година се обидовме да го опишеме омиленото новогодишно политичко мени од соништата на тогашниот премиер Никола Груевски. „Специјалитетите“ во изминативе години беа со сласт „изедени“.

Политичките непријатели од софрата се веќе во графата „Остварено“!

пишувала:
Јадранка КОСТОВА

Како би изгледало менито од соништата на Никола Груевски?  Според нашите проценки за вкусот на премиерот, за предјадење би бил послужен, похован Душко со “пушени млекари” и “сецкани тутунари”. Салатата би била “Милчинка на преродбенички начин со дробен ГЕМ и прелив а ла Сорос”. За главно јадење би следувал “реш печен Велија за 4 особи, со рестовани новинари”. “Фламбираниот Љубе со свежо миксани бранители”, би бил за десерт. Секако, мора да има и грицки, а тука најдобро би легнале “потпечени Фуерки”. Се на се, Грујо има прсти да излиже!

Никола Груевски е без конкуренција најмоќниот човек во Република Македонија. Откако на вонредните избори во 2008-та доби комотно мнозинство, потоа во 2009 смести свој човек во претседателскиот кабинет, а локалната власт стана доминантно портокалова, во 2010, иако не беше изборна година, тој тргна во ,окупација, и на оние сегменти што по дефиниција не би смееле да бидат на партиските агенди.

Така, оваа година се фрли на темелна преработка на судството, регулаторните тела, синдикатите, бранителите или граѓанскиот сектор. Се разбира, сите овие операции се водеа запакувани во разни свилени обвивки за да ја прикријат суштината на акциите!

И, така, чекор по чекор, не беа ни 100, Македонија стана тоталитарна држава, и тоа според рецепт од учебниците. ВМРО-ДПМНЕ е верна копија на Партијата што Џорџ Орвел маестрално ја насликува во антологиската “1984”. А партијата беше темелот на тоталитраната држава. Ако ова ви звучи претерано, веројатно ќе размислувате поинаку после споредбата.

“Од членот на Партијата се бара да нема приватен живот, ниту одмор од ентузијазмот” – така беседи Орвел во своето дело. Кај Груевци ова е срочено со паролата 24/7 или 24 часа, седум дена во неделата. Или, како што некогаш пропагираа комунистите – “Нема одмора, док траје обнова”!

Понатаму, “членот на партијата треба да живее во постојано беснило од омраза спрема странските непријатели и внатрешните предавници”. Зарем треба да потсетуваме колку клетите Грци го хомогенизираат членството, а каков адреналин им креваат домашните “издаици” од калибарот на Љубе, Тито, Фрчко, Милчин, Заев… предолг е списокот!

“Од членот на партијата се очекува да ликува заради победите”. Уф, колку само ќеифови истераа од апсењето на Велија Рамковски или поточно таквата демек победа!

Следува уште една инструкција – “Членството мора да искажува, понизност пред моќта и мудроста на Партијата”. Следствено, оние вмровци кои згазија на ова свето правило – отидоа курбан!

НАВЕДНАТА ГЛАВА, САБЈА НЕ СЕЧЕ

Интересно е дека, колку повеќе моќ има владетелот, колку повеќе ги контролира луѓето и настаните, толку повеќе е чувствителен на било каква критика. Критичарите по правило влегуваат во графата – непријатели.

“Бидете безмилосни кон Вашите непријатели. Не допуштајте им никакви опции. Целта на моќта е да ги контролирате Вашите непријатели целосно, да ги натерате да и се потчинуваат на Вашата волја. Доколку во вашата борба со нив застанете на половина пат, заради милоста или надеж за помирување, само ги правите поодлучни, поогорчени, и еден ден ќе се одмаздат. Скршете ги не само телесно, туку и во духот”!

Според овие препораки од “Законите на моќта” постапува и Груевски. Оние што не се потчинија на неговата волја, а сепак имаат зад себе група или некаква сила, се најдоа на црниот список на Преродбата. Веројатно уште поболно се доживуваат ваквите непослушници во земја во која голема народна мудрост е – “Наведната глава, сабја не сече”.

Целиот текс објавен во Фокус прочитајте го тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e