Нова најава дека Груевски нема да прифати дуел со Заев

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, неколкупати досега јавно го повика неговиот ривал, Никола Груевски на ТВ дуел.

Иако ТВ дуелите на лидерите на најголемите политички партиии во секоја демократска држава е постојана пракса, Груевски никако да се одважи да седне на жешкото столче каде ќе има директни прашања од страна на противникот. Во западно европските земји каде демократијата е на високо ниво, непојавувањето на дуел значи сигурен пораз на изборите со оглед на тоа дека кандидатот не е спремен да се соочи со аргументи и да одговара на најкритичките прашања.

Сепак, директорот на центарот за комуникации на ВМРО – ДПМНЕ, Иво Котевски, изјави дека Заев повикува на многу работи и дека тоа не значи дека се треба да му се прифати, па ниту ТВ-дуел.

„Ајде Никола, повели на дуел, да ги соочиме фактите, да те прашам што ги боли граѓаните, па да ја платиш цената пред екраните за тоа што не се повлече три дена по „бомбите“. Ако си тоа што велиш дека си, нема да бегаш. Прифати дуел или замини среде кампања во политичката историја на Македонија. Пенкалото е кај граѓаните на Македонија! Тие на 11 декември ќе изберат живот во Македонија! Режимот ќе падне на изборите!“, рече Заев од митингот во Крушево.

Националниот радиодифузен сервис, „Македонска радио-телевизија“, ќе организира предизборно соочување на четворицата лидери на најголемите политички партии, три дена пред изборите, на 8 декември.

– Веќе испративме покани до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на СДСМ, Зоран Заев, на ДУИ, Али Ахмети, и на ДПА, Мендух Тачи, за дебата на 8 декември. Досега сè уште никој не ни одговорил на поканата. Одговор, најверојатно, ќе добиеме последната недела пред избори и се надевам дека лидерите ќе прифатат – вели за „Мета“ уредничката на МРТВ, Санта Аргирова.

Истиот ден, на 8 декември, на телевизија „Телма“ треба да се соочат носителите на листата во четвртата изборна единица, каде се среќаваат лидерите на двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев. Освен нив, носители на листа во таа изборна единица се и поранешниот разузнавач Слободан Богоевски од Коалицијата за промени и правда, како и поранешниот премиер Љубчо Георгиевски од ВМРО за Македонија.

Водителот од „Телма“, Боби Христов, на својот фејсбук-профил информираше дека дел од носителите на изборните листи го прифатиле телевизиското соочување, а од четвртата изборна единица досега поканата ја прифатиле тројца носители.

Никола Груевски избегнува телевизиско соочување уште од 2006 година, кога и дојде на власт.

Последното соочување меѓу Груевски и Заев се случи пред точно една деценија во емисијата „Чуму“ на новинарот Александар Чомовски на телевизијата А1, но во поширок состав. Тогаш, на Чомовски му гостуваа Груевски, како премиер, со својот „мини-кабинет“ и Заев, како потпретседател на СДСМ, со повеќе експерти и новинари.

Досега јавноста не била сведок на директен ТВ-дуел на претставниците на најголемите македонски партии откако Груевски ја предводи ВМРО-ДПМНЕ од 2003 година.

Извор: Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e