Николовски за “Капитaл”: Нема да има земјоделци–уценети со субвенции и бизнисмени–наградени со тендери

“Времето кога земјоделството практично беше злуопотребувано како „коруптивна“ алатка за купување гласови, корумпирање на медиумите и добивање на изборите – завршува со завршувањето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Земјоделските површини кои се узурпирани од неовластени корисници ќе одат во рацете на вистинските земјоделци. За младите земјоделци до 35 години имаме проект со кој ќе ги ослободиме од закуп за државно земјоделско земјиште во период од 3 години, но и ќе им обзебедиме зголемено учество на државата во трошоците за набавка на земјоделска механизајција. Исплатата на субвенциите ќе биде редовна, целосна и неселективна.” – вели Љупчо Николовски, пратеник, шеф на кабинет на претседателот на СДСМ и член на Извршен одбор на партијата.

И-портал ви пренесува втор дел од интервјуто на Николовски за бизнис списаниетo “Капитал“:

Капитал: Вие бевте дополнителен заменик министер за земјоделие во преодната влада, па  јавноста најмногу ве поврзува со овој ресор. Кои се клучните потези кои СДСМ смета дека му се потребни на македонското земјоделие тоа да стане попродуктивно и поефикасно?

Николовски: Земјоделството е на листата на итните реформски приоритети што ќе бидат спроведени во првите шест месеци од формирањето на новата влада предводена од СДСМ. Но, првиот чекор што ќе биде направен е дека повеќе нема да има земјоделци – уценети со субвенции и бизнисмени – наградени со тендери. Времето кога земјоделството практично беше злуопотребувано како „коруптивна“ алатка за купување гласови, корумпирање на медиумите и добивање на изборите – завршува со завршувањето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа, практично ќе биде поставена една нова основа врз која ќе се прават темелите на неопходните структурни реформи за вистински развој на земјоделството.

Во таа насока, во првите шест месеци од власта прво ќе направиме ревизија на законите и подзаконските акти, регистрите на производители, преработувачи, одгледувачи на стока, извозници и увозници на земјоделски производи, комплетна и длабинска ревизија на доделеното земјоделско земјиште, но и план за негова правична распределба. Земјоделските површини кои се узурпирани од неовластени корисници ќе одат во рацете на вистинските земјоделци.

Едно од нашите клучни ветувања е дека ќе биде воведена популарно наречена „зелена“, односно поефтина нафта. За младите земјоделци до 35 години имаме проект со кој ќе ги ослободиме од закуп за државно земјоделско земјиште во период од 3 години, но и ќе им обзебедиме зголемено учество на државата во трошоците за набавка на земјоделска механизајција.

Граѓаните, пак, кои чија што основна дејност е земјоделство, и ги исполнуваат условите за паушално оданочување ќе бидат ослободени од плаќање данок, со што ќе има повеќе бенефити, односно ќе се зголеми праведноста, но и конкурентноста на земјоделието.

Паралено со конкретните мерки за директна помош на земјоделството, ќе се работи и на поедноставување на законската регулатива, и секако тоа ќе биде во координација со земјоделците и нивните здруженија и организации. На тој начин, ќе се слушнат нивните реални потреби и промени, заеднички ќе се лоцираат слабостите и донесат соодветни решенија кои ќе им помогат. Законската легислатива треба да биде поедноставна, разбирлива и прилагоденана новите трендови во економијата и актуелните движења на пазарот. Секако во согласност со директивите и регулативите на ЕУ.

Исто така, и администрацијата ќе мора да ги подобри услугите што им ги пружа на земјоделците. Ќе мора да биде поефикасна и вистински нивен сервис. Ова го зборувам и од аспект на фактот што додека бев дополнителен заменик министер за земјоделство констатирав дека има многу реакции од извозниците на кои од македонска страна им се запира извозот поради нелогични инспекциски и административни проблеми. Затоа во овој дел, кај инспекциските служби мора да дојде до темелно реорганзиирање со што истите да бидат сервис на извозниците и увозниците, а не нивна пречка при извозот и увозот. Ќе мора да се постават да работат на највисоко професионално ниво, исклучиво согласно законските прописи, а не партиски директиви како досега.

Паралено со ова ќе се работи и на подобрување на едукацијата на земјоделците, со цел да им се приближат модерните техники и технологии на работа, но и едукација за искористување на парите од европските фондови. И тоа нема да биде само формалност, туку вистинска поддршка, од која земјоделците ќе имаат бенефит, а секако и државата. Но, нема да изостане ниту соработката со професионалните организации на земјоделците, кои ќе бидат вистински партнер на Владата предводена од СДСМ, и со кои заеднички ќе ги лоцираме и решаваме проблемите. Ќе воведеме и задолжителни консултации при носењето и промените во легислативата.

Ова го зборувам бидејќи потребни се промени во основата, на земјоделството му е потребна коренита промена, па затоа истите мора да се случат и во најситните детали.

Nikolovski WEB 03Повеќе нема да има земјоделци – уценети со субвенции и бизнисмени – наградени со тендери. Времето кога земјоделството практично беше злуопотребувано како „коруптивна“ алатка за купување гласови, корумпирање на медиумите и добивање на изборите – завршува со завршувањето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ”.

Капитал: СДСМ ветува зголемување на субвенциите за земјоделците на 160 милиони евра годишно.  Дали планирате да направите промена во моделот на доделување на субвенции и што најмногу ќе се субвенционира?

Николовски: Да, моделот на доделување на субвенциите, кои сега се користат како алатка за манипулација со земјоделците, ќе биде променет. Тоа можеби е и суштинската промена која е неопходна за да може земјоделството да има вистински развој бидејќи Македонија е аграрна земја, а сепак резултатите се поразителни, поради погрешните и криминални политики во целиот сектор.

Исплатата на субвенциите ќе биде редовна, целосна и неселективна. Ова е појдовна точка за поправање на состојбите во овој дел од земјоделските политики. Манупулациите завршуваат.

Промената започнува оттаму што ќе ја зголемуваме сумата наменета за субвенции, и која ќе изнесува 160 милиони евра годишно. И сите пари ќе се иплаќаат во целост, а не како досега кога се исплаќаа само 60% до 70% од она што беше планирано. Но, уште поважно е што субвенциите ќе завршуваат кај вистинските земјоделци, односно нема да се делат по партиски клуч. И, трето и подеднакво важно е земјоделците ќе ги добиваат субвенциите во време кога им се најпотребни, односно кога имаат најголеми вложувања во процесот.

И во нашата програма ветивме, а тоа и ќе го оствариме, и за секој нов хектар зафатена земјоделска површина, субвенциите ќе ги зголемиме за 20% над основната субвенција и за секое ново грло добиток со кое ќе се зголеми основното стадо, субвенциите ќе ги зголемиме за 30% над основната субвенција. А ќе се овозможи и субвенционирање на втори култури каде условите тоа го овозможуваат.

Тука би сакал да потенцирам дека во поглед на оцената за постапката за доделување на субвенциите што ја практикуваше претходната власт, може да констатирам дека тие креираа модел што ја зема предвид партиската припадност, и во овој дел ние ќе изработиме целосно нов пристап и законска процедура што ќе биде јавно видлива и проверлива. Субвенциите ќе ги добиваат оние производители што ги исполнуваат утврдените критериуми независно од партиската припадност. Ќе се знае, кој и колку субвенции добил – и по која основа. Транспарентноста во доделувањето на субвенциите и постапките ќе бидат врвен приоритет за надлежните институции. Но, и одговорност за секоја една констатирана злоупотреба мора да има. Тоа го очекуваат граѓаните.

Субвенциите кои моментално ги добиваат земјоделците воопшто немаат развојна стратегија затоа што во нивниот концепт постои обратнопропорционален принцип, односно со зголемување на засадената површина или поголема продукција се намалува субвенцијата. Доколку вистински се сака развој на земјоделство потребно е субвенционирањето да биде правопропорционално односно колку поголема продукција, толку поголема субвенција.

Но, и во самата изборна кампања веќе најавивме дека Министерството за земјоделство пред да започне со доделување субвенции на земјоделците ќе направи соодветна компаративна анализа на досега дадените средства во земјоделството и ќе се утврди што е приоритет како производство.

Бидејќи, јасно е дека досегашниот пристап во распределба на субвенциите има многу недостатоци и затоа е потребна детална анализа на секој исплатен денар за субвенции. Политиките за субвенционирање ги креира Министерството, но за нивната имплементација и исплата одговорна и надлежна е Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој. А во периодот додека бев дополнителен заменик министер за земјоделство, се повеќе стана јасно дека токму оваа Агенција е најнетранспарентната и најмистериозна институција во овој ресор.

Спроведувањето на нетранспаретна политика на оваа Агенција, која годишно има буџет за исплата на субвенции во земјоделството и руралниот развој од над 150 милиони евра, пари на граѓаните, доведе во Македонија да имаме само негативни тенденции во земјоделството и сиромашни земјоделци. И тоа е така од една причина, бидејќи токму оваа Агенција како и Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот земјоделски инспектоарт се главните „извршители“ за уцена и заплашување на земјоделците. Како потрекрепа на ова само ќе го наведам фактот до кој дојдовме дека пред неколку години, ден пред избори, биле извршени уплати по основ на субвенции во висина од 50% од вкупниот износ на субвенциите. Тоа е доволен показател, како се купувале изборите, како на ден пред избори се уценувале земјоделците.

Оваа Aгенција е најодговорна за лошото и селективно исплаќање на субвенциите и таквото работење ќе биде во корен исечено, а личностите што извршиле злоупотреба на положбата ќе одговараат. После транзицијата на власта многу работи што досега не и беа достапни на јавноста, а се криеја бидејќи не се постапувало по закони и прописи, сега ќе излезат на виделина.

Можам да кажам дека токму во периодот кога бев во Министерството, многубројни земјоделци ми се обратија со докази за селективниот пристап на Агенцијата. Некои од нив ми покажаа судски правосилни решенија за исплата на субвенции, а Агенцијата воопшто не сакала да постапи по нив. Тоа е потврда на узурпираноста на институциите во корист на една фамилија или врхушка, а на штета на земјоделците и граѓаните.

Една главна мерка во пазарната економија – субвенциите, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја претвори во алатка за изборна манипулација.

Моделот на доделување на субвенциите, кои сега се користат како алатка за манипулација со земјоделците, ќе биде променет. Тоа можеби е и суштинската промена која е неопходна за да може земјоделството да има вистински развој бидејќи Македонија е аграрна земја, а сепак резултатите се поразителни, поради погрешните и криминални политики во целиот сектор”.

Капитал: Во последните неколку години извозот на свежо овошје и зеленчук се зголемува, но никако Македонија да почне да извезува храна и готови прехранбени производи со поголема додадена вредност. Како, според Вас, да се зголеми производството и извозот на храна?

Николовски: Целиот пакет мерки кои се предвидени во програмата, новиот и чесен начин на пристап во земјоделство, како и натамошните консултации со земјоделците и нивните здруженија ќе ги даваат постепено резултатите за зголемување на производството и извозот. Тоа не може да се случи одеднаш, потребни се вистински и сеопфатни мерки, затоа што власта на ВМРО-ДПМНЕ која постојано кажува дека се грижи за земјоделците, практично има поразителни резултати во овој сектор. За да се поправат состојбите ќе биде потребно време и труд, но затоа велиме дека ќе бидат направени коренити промени, после кои никој не ќе може да си поигрува со земјоделецот.

Ние сега немаме ниту законска регулатива за дефинирање, одгледување и продажба на тоа кој земјоделски производи и култури се стратешки. Потребно е итно законско регулирање и определување на стратешките култури во нашата држава. Регулатива за тоа во кои региони стратешки ќе се поддржи одгледувањето на одредени култури и стока кои имаат потенцијал и услови за развој на тој регион и со чие што производство би добиле најголем бенефит производителот и државата.

За ова ќе биде потребна законска регулатива за договорно производство на овие стратешки култури со земјоделецот и истиот ќе биде сигурен дека сето произведено ќе му се откупи и ќе се осигура државата дека нема да останат неоткупени количини на земјоделски производи и нема да има социјални тензии.

Понатаму, стратешките култури ќе бидат со заштитна минимална откупна цена која ќе ја гарантира државата, во која ќе бидат содржани сите реални трошоци за производство на одредената култура и минимален профит за земјоделците. Доколку на слободниот пазар не се постигне таа минимална заштитна откупна цена, државата ќе интервенира и ќе го откупи вишокот од производството за стокови резерви со што ќе се регулира пазарната цена. Администрацијата во Стоковите резерви ќе се потруди да најде реален пазар за одреденото производство во форма која ќе ја откупи или ќе обезбеди преработка на истото во одредени преработувачки капацитети до некој соодветен полупроизвод, кој потоа би можел подолго време да се чува и да се бара пазар за истиот.

Има многу работи кои треба да се направат, но тука само уште би додал растот на домашниот извоз треба да го гледаме во најконкуретните земјоделски производи кои ги имаме, но од друга страна треба да го поттикнеме и растот на домашно производство и на оние производи кои сега се со најголема ставка на увоз.

Меѓутоа, за извоз на храна не треба само да се гледа дека нашиот земјоделец треба да биде конкурентен со производната цена, ако ние имаме трговски фирми или преработувачки капацитети што својата неконкуретност ја компензираат на штета на земјоделците, со тоа што им плаќаат ниска цена за производот.

Императив е зголемување на конкуретноста, преку изградба на современи ладилници, откупни центри што нема да служат само за вагање или за мерење на производот, туку и за калибрирање, за разладување, за пакување во нова и модерна амбалажа и други пост-бербени активности. Ова сметам дека треба да биде направено со цел фирмите да станат конкурентни. Заедно да влезат во договорно производство со земјоделецот. Затоа во овој дел на зголемување на конкуретноста на домашните фирми на странски пазари, ние во Планот за живот, а и во следната владина програма планираме поттикнување на изградба на современи капацитети и откупно дистрибутивни центри во производните региони за специфични земјоделски производи чиј капацитет ќе биде над 5 илјади тони. Субвенционирање со 20% од транспортните трошоци за извоз на македонски производи на странски пазари, така што со сет мерки очекуваме значајно да го подобриме извозот на земјоделските производи, а со тоа и на намалување на разликата меѓу увозот и извозот на храна. Денес таа разлика е еден спрема два, односно за едно извезено евро, увезуваме стока во вредност од две евра.

Nikolovski WEB 04По одржувањето на локалните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе доживее целосно развластување и на локално ниво. Не ќе може веќе да ги местат изборите, да ги уценуваат и потпкупуваат гласачите”.

Капитал: Со години наназад во Македонија се најавуваат проектите откупно-дистрибутивни центри и агроберза, но тие никако да профункционираат. Кои се плановите на СДСМ за овие прашања? Како да се зајакне преговарачката улогата на земјоделците и да се постине реална откупна цена?

Николовски: Изградбата на современи складиншни и откупно -дистрибутивни центри за земјоделски производи секако дека ќе биде поттикната во производствените региони за специфични земјоделски производи чиј капацитет ќе биде над 5.000 тони. Парите ќе се обезбедат преку програмите за рурален развој, ИПАРД програмата, земјоделските кредитни линии.
Откупно- дистрибутивните центри секако се добра работа, бидејќи најмногу можат да помогнат во производството на овошје и на зеленчук што се главните извозни производи во свежа состојба. Но, проблемот е што досега не постоеше искрена намера тоа да профункционира. Како што беше случајот со Еплленд. Откако го отворија – веднаш го затворија, поради неплаќање. Или да потсетам само за пропаднатиот проект Агриленд уште од 2008 година. Таков несериозен пристап во оваа стратешка гранка не смее и нема да си дозволи владата предводена од СДСМ.

Со години наназад се изнаслушавме приказни за агроберза, а агроберза и денес нема. Со други зборови, агроберзата се користи за залажување на земјоделците и јавноста дека со неа ќе се помогне на земјоделците. Слична алатка за агроберза има во Министерство за земјоделство, каде што се следат цените на пазарите на големо и на мало. Меѓутоа, проблемот е што информациите од Земјоделско-пазарно информативниот систем никогаш не се објавуваат во јавноста.

Во фаза во која што се наоѓа денес стопанството и развојот на земјоделството во Македонија, постоењето на агроберза во вистинска смисла на зборот, каде би се сретнувале понудата и побарувачката и би се вршеле пазарни трансакции е невозможно да се реализира. Како што реков, би можело само да се пласираат информации, како се движи пазарот на одредени берзански производи. Знаеме дека кај нас, берзанските производи, како што се: пченка, јачмен, пченица соја и други во најголем дел се увезуваат, а тоа ја диктира и цената на пазарот и во Македонија. Оние производи што ние ги извезуваме, како што се: овошјето и зеленчукот не можеме да кажеме дека се типични берзански производи и затоа проектот агроберза, како што се очекува, не може добро да профункционира, освен до ниво да дава информации за цените на берзански производи.

Затоа тука поважно е менаџирањето. Земјоделците, треба да бидат и менаџери, да се поседуваат вештини што го прават квалификуван да преговара со соодветни личности од фабриките што вршат откуп на нивните земјоделски култури. Министерството ги креира политиките, врши контрола на тоа што го регулирала со закони и правилници, а не може да учествува во проговарањето меѓу стопанските субјекти. Чувствувам дека доаѓа време кога земјоделците ќе започнат да се здружуваат и обединуваат при производството и продажбата на своите култури и да го остварат својот интерес. Тој процес мора да го поддржиме и помагаме. Точно е тоа дека преговарачката улога на земјоделците е многу слаба, но оваа ослабната улога на земјоделците се должи токму од ваквото раководење и управување на секторот и претставниците кои треба да ја јакнат позицијата на земјоделците во системот.

Како потсетување, пред кампањата за предвремените парламентарни избори, како и за парламентарните избори во 2014 година, трите земјоделски организации, водени од нивните лидери потпишаа Меморандум за поддршка на програмата на Груевски. Овие три организации, според Законот за земјоделство и рурален развој се економско социјални партнери на Министерството, а се формирани со цел да ги штитат правата и интересите на земјоделците. Наместо заштита на правата и интересите на земјоделцитетие, со своите активности во наведениот период ги поддржуваа раководството на ВМРО-ДПМНЕ со учество во нивната изборна кампања.

Затоа, кога зборуваме за ревизија, освен на земјоделското земјиште, на доделувањето субвенции, на програмите за развој, инвестиции, се потребни ревизии и измени во многубројни законски решенија за кои сме утврдиле дека се нефункционални.

На Македонија и се потребни чесни, скромни и одговорни луѓе во политиката.

Капитал: Податоците покажуваат дека македонскиот земјоделец поседува многу малку земја и многу застарена опрема. Како да се окрупнии осовремни македонското земјоделие? Која треба да биде улогата на државата во овие процеси?

Николовски: Окрупнувањето и консолидација на земјоделското земјиште е повеќе од неопходно, бидејќи на тој начин ќе се овозможи примена на современите технологии, намалување на трошоците за производство, поголема продуктивност и зголемени приходи.

Со таа цел, за да се спречи натамошно раситнување на земјоделското земјиште, во следниот период ќе продолжи ограничувањето на физичката делба на парцели помали од два хектари. Овој процес на окрупнување, како државна политика, ќе се одвива преку процеси на размена на парцелите со или без промена на нивната форма, до целосна промена на границите на земјишните парцели за да се добијат окрупнети земјишни површини со правилна форма погодна за земјоделско производство.

Сегашната состојба во која имаме земјоделството со мали површини и премногу раситнето земјоделско земјиште, земјоделци со застарена и несоодветна опрема и механизација за обработка на земјата и на сето ова би додал дека не постои систематско и редовно следење на новите трендови во земјоделството ќе мора да се промени. Но, секако, окрупнувањето на земјиштето е процес што подолго ќе трае. Процесот на осовременувањето, пак, може побргу да се постигне, за да дојдеме во фаза на модерно и современо земјоделство ориентирано кон производство. Очекувам дека откако ќе ја формираме владата и ги обелодениме мерките за развојот во земјоделството, сите субјекти да се вклучат на начин што приоритено ќе извршат квантитативни промени, за да дојдат до квалитет во производството и да се прилагодат на условите на пазарот. Затоа, за да го интензивираме овој процес се потребни силни фирми во конкретни гранки што во Македонија би дошле како стратешки партнери на државата и директно договорни и одговорни за производство што би било планирано на краток и долг рок. Тоа би било вршено научно со претходна изработена анализа за тоа кои се најконкурентните производи според поднебјето и околината, што успева со најмалку трошоци, како и употреба на педолошката карта во зависност од почвата која култура дава најдобри и квалитетни приноси.

Клучен фактор за практикување современо земјоделство е конструкција на мрежата за наводнување, во која за жал во последните десет години ништо не е инвестирано да биде приближена до нивите или, пак, да се ревитализираат одредени системи. Затоа, планираме годишно вложување од 10 милиони евра за капитални проекти за санација на постојните и за изградба на нови системи за наводнување и одводнување.

Како што велат земјоделците, дека земјоделството или нивната работа е фабрика на отворено, предвидуваме интервентен фонд од 6 милиони евра за помош во кризни состојби при пласманот на земјоделски производи кога производната цена е пониска од откупната.

Капитал: Додека бевте во преодната влада објавите многу незаконитости и криминал во работењето на министерството особено во поделбата на субвенциите и земјоделското земјиште според кои многу функционери на владејачката ВМРО ДПМНЕ и луѓе блиски до нив добивале пари и земјиште. Дали СДСМ ќе прави ревизија доколку дојде на власт?

Николовски: Ревизија ќе има. И таа ќе биде комплетна и детална. Но, тука сакам да потенцирам дека ревизијата ќе ја прават, професионални и стручни кадри во државните институции. Ова особено го истакнувам бидејќи идната влада предводена од СДСМ нема намера да продолжува со политиката на партизирана држава како што тоа го правеше ВМРО-ДПМНЕ.

Факт е дека лошото работење, злоупотребата на службената положба, како и криминалните постапки ќе бидат процесуирани, но од професионални и непартиски институции и органи.

Кога ја вршев функцијата заменик-министер, обелоденивме многу коруптивни афери, делења на тендери, земјоделско земјиште и субвенции на луѓе блиски на ВМРО-ДПМНЕ, но и на нивни функционери. Поднесовме и соодветни пријави и убеден сум дека ќе има одговорност и враќање на парите назад во буџетот. При тоа, морам да потенцирам дека обелоденувањето на она што се правело не беше иницирано поради различната партиска припадност, туку затоа што има кршење на законите, затоа што има извршени криминални постапки и постојат докази и материјали. Ние работевме во текот на тој мандат во целост бескомпромисно и неселктивно. Никој не смее да биде поштеден без разлика на неговата моќ и позиција. Тоа за мене и мојот тим беше небитно.

Затоа, ревизијата на се што е сработено во последните 11 години е неизбежна, бидејќи во последните 11 години доделени се околу 80.000 хектари државно земјоделско земјиште на над 7.800 субјекти. Но, сега дел од земјоделското земјиште е во рацете на поединци на кои им е дадена концесија и добивааат субвенции за него, но не го обработуваат. Повеќето од нив го даваат под закуп на други лица, или, пак, воопшто не го обработуваат. Тоа ќе се промени, бидејќи тоа е една од причините кои доведуваат до погрешно одлевање на субвенциите, а ефекти нема.

Капитал: Што може да се очекува од локалните избори, кои следуваат за неколку месеци? Изборите на 11 декември и анкетите најавуваат поволен ветар за СДСМ, но во влада што би ја направила вашата партија, покрај ДУИ би требало да влезе барем уште една од партиите на Албанците, а ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците неспорно ќе бидат најжестоки конкуренти на изборите, што може да предизвика нестабилност во евентуалната коалиција.

Николовски: Прво, по одржувањето на локалните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе доживее целосно развластување и на локално ниво. Не ќе може веќе да ги местат изборите, да ги уценуваат и потпкупуваат гласачите. Во СДСМ веќе тече внатрепартиската постапка на избор на кандидатите за градоначалници и советничките листи. Во дел на општинските организации одиме и чекор напред, а тоа е што целото членство непосредно на внатрепатиски избори ги определува нашите кандидати за градоначлници и советници. Отворените листи за парламентарни и локални избори се исто така дел од нашата изборна програма. Граѓаните директно да ги изберат најдобрите пратеници и советници што ќе работат исклучиво во нивен интерес. Цврсто стоиме за оваа крупна реформа. Ќе понудиме еден нов концепт и таа нова енергија граѓаните ќе ја препознаат уште повеќе и уште посилно од енергијата и отвореноста што ја почувствуваа и за која гласаа на 11 декември 2016 година.

Во делот на коалициите за локалните избори, се уште е рано да се зборува, иако можеби насоките се веќе генерално поставени. Сепак, тоа дополнително ќе се одлучува. Но, уште еднаш би потенцирал, јасно е дека некому му одговара уште сега да зборува за нестабилни коалиции, но исто така јасно е дека граѓаните се повеќе веруваат на партијата, односно коалицијата која им вети живот и која покажува дека е подготвена да се грижи за сите подеднакво, за секој човек, без разлика на која етничка заедница припаѓаат, без разлика на која политичка партија се симпатизери. Коалицијата која силно го промовираше концептот на едно општество и ќе се грижи за вистинските и реални потреби на граѓаните, за нивниот животен стандард, за нивните инфраструктурни проблеми, за нивните социјални права, економски статус, за правда и правичност. На Македонија и се потребни чесни, скромни и одговорни луѓе во политиката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e