“Ќе спроведеме неселективна и бескомпромисна битка против криминалот и корупцијата, а секој украден денар ќе го вратат назад во буџетот. Целосно ќе се спроведат препораките од Прибе и итните реформски приоритети. Тоа е основа на идната владина програма. Ќе има храбри и темелни реформи во општеството што се инкорпорирани во нашата изборна програма.” – вели Љупчо Николовски, пратеник, шеф на кабинет на претседателот на СДСМ и член на Извршен одбор на партијата.
И-портал ви пренесува прв дел од интервјуто на Николовски за бизнис списаниетo “Капитал“:
Капитал: Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат проблеми ако не бидат дел од новата влада. Што може да се очекува во овој контекст ако формирањето влада заврши со ВМРО-ДПМНЕ во опозиција?
Николовски: Граѓаните треба да бидат спокојни. СДСМ како предводник на граѓанска, слободарска Македонија е најголем гарант за стабилна и сигурна иднина на Македонија. Владата предводена од СДСМ ќе ја врати државата на вистинскиот колосек, и тоа во еден демократски процес.
Впрочем, ние и во последните две години покажавме дека на еден демократски начин, со „пенкало“, може да се урне режим. Мнозинството граѓани избраа коренити промени, реформи, нови вредности и стандарди. Транзицијата на власта мора да започне и да заврши по мирен пат. Тоа го бараат граѓаните. Сегашните најави дека ако ВМРО-ДПМНЕ биде опозиција, а ќе биде секако, ќе има тензии, се само грчевити обиди за заплашување на народот, надевајќи се дека тоа ќе им помогне на поединци во таа партија да се спасат за целото зло изминатите години. Но, нема бегање од одговорноста. Правда мора да има. Македонија ќе оди напред.
Ако се вратиме малку наназад во изјавите дадени од ВМРО-ДПМНЕ во последните две години ќе видите дека ништо од тоа што го кажаа, што го предвидуваа, ниту една партиска одлука, па дури ниту нивните закани не се исполнија. Само за потсетување, Никола Груевски велеше: нема оставки – па речиси цела влада поднесе оставка. Потоа тврдеше дека нема да има избори, но тие се случија. Говореше дека нема да има техничка Влада, па таа се случи, нема да има одлагање на изборите, па тие се одложија два пати. Самиот поднесе оставка што дотогаш беше тешко да се поверува и се надеваше дека народот ќе одлучи и ќе му даде 63 пратеници. Две години ги лажеа граѓаните и за некакви странски комбиња и служби само за да не одговараат за криминалот. На крајот, граѓаните го поразија режимот. Груевски не можеше да се спаси од одговорноста и со нарачаната аболиција на целата негова криминална банда. И таа беше поништена. Со него е завршено.
Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ не може да ги уценува повеќе, затоа не подлегнуваат на нивните манипулации. Не подлегнаа ниту во кумановските настани, прочитани се веќе, ниту обидите за етнички тензии не им поминуваат како порано. Нормално, партијата си има симпатизери, членство и нормално е тие во некое идно време да бидат на улица, да протестираат, но и самите се свесни дека партијата ќе мора да се реформира во еден демократски процес, да ги напушти криминалните и диктаторски патеки што ги постави Никола Груевски во нивните редови, и дури потоа да бидат една здрава опозиција на политичката сцена. Така што, не очекувам некакви поголеми проблеми и нестабилност на државата. Секако, тие имаат право да протести, затоа што тоа е суштината на демократијата. Или, како што се вели познатата: „Не се согласувам со тоа што го кажуваш, но ќе се борам до крајот на животот за твоето право да го кажеш тоа„. Така што, иако не се согласувам со причината поради која најавуваат протести, бидејќи на овие избори, граѓаните со 612 илјади гласа, му кажаа „не“ на режимот, сепак, членството на ВМРО-ДПМНЕ има право да протестира по улиците.
ВМРО-ДПМНЕ е веќе минато. Ве уверувам дека и овој процес на враќање на општеството во нормала ќе заврши успешно, во интерес на граѓаните. Мислам дека на сите веќе им е јасно дека со Зоран Заев и оваа нова генерација на политичари нема пазарење, нема играње со интересите на граѓаните. Македонија премногу страдаше во изминатите 10 години. Ние немаме право на грешка и цврсто стоиме на тоа дека одговорност ќе има. Ќе спроведеме неселективна и бескомпромисна битка против криминалот и корупцијата, а секој украден денар ќе го вратат назад во буџетот. Целосно ќе се спроведат препораките од Прибе и итните реформски приоритети. Тоа е основа на идната владина програма. Ќе има храбри и темелни реформи во општеството што се инкорпорирани во нашата изборна програма. Институциите и судството мора да функционираат на високо професионално ниво без да зависат од нечија волја и инструкции. Никогаш повеќе. Познавајќи го идниот премиер Заев, визијата и тимот, знам дека во ниту еден случај нема да има отстапки без разлика за кого и да станува збор и од која партија и позиција доаѓа. Тоа нема воопшто да биде важно и тоа е новиот пристап и промена што ја очекуваат граѓаните. Секој што ќе згреши мора да сноси политичка и друга одговорност. Без исклучок. Ние на никого не сме му должни, освен на граѓаните. Граѓаните очекуваат системски промени и реални политики за подобар живот. Тоа е и мојот личен мотив зошто сум дел од оваа битка. Тоа е наш долг кон следните генерации.
“Познавајќи го идниот премиер Заев, визијата и тимот, знам дека во ниту еден случај нема да има отстапки без разлика за кого и да станува збор и од која партија и позиција доаѓа. Тоа нема воопшто да биде важно и тоа е новиот пристап и промена што ја очекуваат граѓаните. Секој што ќе згреши мора да сноси политичка и друга одговорност. Без исклучок!”.
Капитал: Претпоставките се дека, со оглед на околностите, новата влада произлезена од изборите на 11 декември нема долго да трае. Кои се условите што треба да се исполнат за владата да може да потрае доволно, за добро да се фати правецот за излез од политичката криза?
Николовски: Изгледа дека самиот факт што многу долго живееме во еден режим, една опасна диктатура, не тера со недоверба и сомнежи да гледаме на промените кои се случија и кои доправа ќе се случуваат. Овој процес на промени можеби оди споро, но затоа, пак, се случува сигурно. Беше потребно време, трпение и верба пред се, за да се превземат соодветни чекори, добро обмислени, да нема простор за грешки. И целиот овој период, од моментот на првата „бомба“ постојано слушавме различни негативни претпоставки, кои сепак се покажаа како погрешни. Сепак, како одминуваше времето, така и скпетицизмот околу успехот на СДСМ и коалицијата со граѓаните се намалуваше, па сега веќе разговараме за формирање на идната демократска и реформска влада на граѓаните.
Македонија ќе оди напред. Мора да се менува општествената филозофија на размислување како што доликува на едно нормално, демократско општество. Мора да има дебати, отвореност и транспарентност. Парламентот да биде храм на демократијата и вистински да ја контролира извршната власт. Пратенициите не смеат повеќе да бидат слепи извршители, законите не може да се менуваат кога ќе им текне, зошто мора да има правна сигурност за инвеститорите, бизнис секторот, граѓаните. Со синдикатите, професионалните здруженија, коморите и цивилното општество мора да имаме задолжителни консултации при промените во легислативата и законите. Граѓаните и медиумите исто така ќе бидат силна контрола, а институциите мора да се сервис на секој човек. Ни треба целосна департизација на општеството. Само еден пример ќе дадам. Списоци за вработувања, сместување на студенти, лекувања, стипендии, субвенции, социјална помош и што и да било не може повеќе како во овие десет години да се прават во месни комитети и ограноци на ниту една партија. Мора да одиме многу чекори напред. Чесноста, моралните и етички вредности, како и одговорноста на секој ќе бидат најбитен критетриум во делењето на одговорноста во идната извршна власт, а исто така мора да се искористи целиот критички капацитет во општеството за да одиме напред.
Утре (Сабота, 04.03.2017г) ќе го објавиме вториот дел од интервјуто, посветен на програмата и мерките на СДСМ за македонското земјоделие.