Министерот за земјоделство, шумарство и водстопанство Љупчо Николовски денеска оствари средба со жителите и пратениците од велешкиот регион, со градоначалниците на Велес и Чашка, директорот на ЈПВ Лисиче и консултантот на германската KFW банка со кои разговараше за изградбата на системот за наводнување Лисиче2.
Овој систем ќе обезбеди вода за наводнување на околу 5.000 хектари земјоделска површина, вода за производство на електрична енергија од три мали хидроелектрани и полнење на акумулацијата „Младост”, информираше Николовски.
Вкупната инвестиција изнесува 28,5 милиони евра, а ќе се финансира со помош на германската развојна банка KFW. „Проектот е долгогодишно барање на граѓаните и од големо значење за регионот. Директно ќе влијае врз зголемување на наводнуваните површини во овие региони и врз подбрување на конкурентноста на земјоделството,“ – порача министерот.
Хидро-системот Лисиче ќе обезбедува вода за пиење за градот Велес и вода за наводнување на околу 5.000 хектари земјоделска површина, техничка вода за потребите на индустријата како и дополнување на акумулацијата “Младост” кој се наоѓа блиску до Велес. Дополнително, системот овозможува и искористување на водниот потенцијал за производство на електрична енергија.
Овој систем за наводнување ќе опфати речиси 85% од населението во регионот, вклучено во земјоделски активности. Со изградбата на системот за наводнување ќе се изврши и поврзување на акумулациите Лисиче и Младост и изградба на мали хидроелектрани.
