Вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски на денешната конференција „Кои се очекувањата, препораките и прогнозите за Северна Македонија во претстојната година?“, што се одржа во организација на ЦИВИЛ, истакна дека во борбата кон правно општество и борбата против корупцијата, Владата постави јасна цел и темели во четиригодишната програма.
-Да градиме систем кој одвраќа од злоупотреби на корупција и јасно да лоцира одговорност. Пред три месеци на изборите ја добивме довербата од граѓаните и затоа имаме обврска и одговорност да се справиме со сите сериозни предизвици што ги поставува корупцијата пред нас. Бидејќи ветивме дека ќе владее правото започнуваме отворена битка во која никој што го прекршил законот нема да биде изземен од одговорност. Заедно со мојот кабинет сме целосно решени на мерки и активност што ќе придонесат во спречување на корупцијата, посочи Николовски во своето обраќање.
Тој додаде дека за ефикасни мерки и резултати потребна е вклученост на сите чинители, не само на надлежните институции, туки и на невладиниот и приватниот сектор, на медиумите и граѓаните и ги охрабри сите активно да се вклучат во оваа борба со пријавување на корупција и без страв од последици.
Учесниците на конференцијата дискутираа за ЕУ интеграциите, пописот, претстојните локални избори, борба против Ковид-19 и вакцинација, реформи, правда, антикорупција, борба против дезинформациите, технологии и иновации, економија.