Тензиите во комисијата за труд и социјална пoлитика ја одложија дебата за покачувањето на минималната плата. Причина за оваа ситуација беа предлогот на пратеникот Самка Ибрахимовски и одбивањето на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за на иста седница каде на дневен ред е покачувањето на минимална плата, да се додаде и точката за обештетување на стечајците.
– Денес се случи скандал од страна на ВМРО-ДПМНЕ, во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ, во комисијата за труд и социјална пoлитика одби дискусија за да се обештетат стечајците. Исто така по завршување на дискусијата за законот за минимална плата, одбија да го стават предлогот на гласање за законот да продолжи во понатаношна фаза во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ се против граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ работи против интересите на граѓаните! – напиша генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и минатата недела не се појавија во Собранието. Тогаш Николовски рече дека тие се потпишале за да оправдаат доаѓање и, како што вели. да земат плата, а не влегле на седницата на која се дебатира за законот за овозможување на минимална плата за сите граѓани од 14.500 денари.
Денеска на предлогот на пратеникот Ибраимовски, прв одговори претседателот на комисијата за труд и социјална политика, Влатко Ѓорчев, кој рече дека за таа точка треба концензус, во спротивно тој се закани дека опозицијата има механизми за да ја блокираат процедурата ако мнозинството инсистира со гласање да го промени дневниот ред.
Потоа други пратеници на ВМРО-ДПМНЕ констатираа дека Деловникот не дозволува точка од друга седница каде е на второ читање да се додаде на оваа седница. По ова објаснување Ибраимовски даде нов предлог, за по завршување на седницата за минимална плата да се свикува седницата каде на дневен ред е законот за стечајците.
Ѓорчев обвинуваше дека министерката Царовска не доаѓа на комисија и рече дека тој инсистира на нејзино присуство.