Николовски: Новата Влада ќе го реши проблемот на земјоделците, ВМРО-ДПМНЕ веднаш да престане да блокира!

– Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата немаат ама баш никакво право со блокадата на Парламентот да ја загрозуваат и понатаму егзистенцијата на земјоделците коишто ги немаат добиено субвенциите за ланската, но и за неколку претходни години! И тоа само и само да го заштитат криминалот и нафтените платформи на братучедската фамилија. Само заради и натаму да дозволат, до последен да ги крадат граѓаните. – рече пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски на денешната прес конференција.

– Итно мора да се овозможи формирање на новата демократска и реформска Влада којашто ќе го реши проблемот со исплатата на субвенциите на земјоделците и ќе им овозможи, не само редовни, туку и повисоки, навремени субвенции и достоинствена земјоделска дејност од којашто ќе можат достоинствено да живеат.

Егзистенцијата на илјадници земјоделци е сериозно загрозена затоа што несериозни кадри на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги узурпираат иинституциите и си ја префрлуваат одговорноста а ги користат процедурите како изговор, за да не им ги дадат субвенциите на луѓето коишто го имаат тоа заслужено, субвенции што им следуваат по закон!

Досега се сменија тројца директори на Платежна агенција, а исплатата на субвенциите никако да почне. В.д. директорот на Платежната агенција, Игор Златков изјави дека има потпишано налози за исплата и дека субвенциите ќе бидат исплатени. Министерството за финансии, пак, известува дека немаат добиено комплетна документација со налози за да се изврши исплата, којашто ќе зависела од состојбата на трезорот и од тоа дали има или не пари во Буџетот.

Ова e безобразно поигрување со маката на земјоделците коишто трпат за леб, додека Мијаков и Груевски се шират и во нафтениот бизниси, а нив ги штитат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и Ѓорге Иванов кој противуставно не го доделува мандатот за состав на Влада на мнозинството во Парламентот.

Да имаше нова Влада, во овие 110 дена, земјоделците веќе ќе почнеа да добиваат и зголемени субвенции. Ќе земаа 30% повеќе за секое ново грло и 20% повеќе за секој нов хектар. Ќе имаа зголемени субвенции и за нафта, односно веќе ќе беше воведена и поевтината земјоделска, или зелена нафта.

Земјоделците кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување ќе беа ослободени од плаќање данок. Доцнат и реформите за младите фармери кои си заминуваат од земјава секој ден. Тие ќе добиваа државна поддршка при купување на прво стадо, ќе имаа зголемени субвенции и ќе беа ослободени од закуп на државно земјоделско земјиште и тоа можеби ќе ги предомислеше да не го напуштат семејството и да не го бараат излезот надвор од Македонија. Ова се само дел од мерките со што новата реформска Влада можеше веќе да им помогне на земјоделците.

Затоа укажуваме уште еднаш, дека мора итно да проработи здравиот разум, да се остават на страна сите лични интереси на сметка на интересите на граѓаните и државата. Да се деблокира работата на Собранието веднаш, да се избере претседател на Парламентот уште денес, и да почне со работа новата реформска Влада којашто ќе работи единствено во интерес на сите граѓани на Македонија. – рече Николовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e