На Зоран Илиоски, кој во повеќе реплики зборуваше за тиранска платформа и за бинационалност, му реплицираше Љупчо Николовски од СДСМ, кој покажа и двојазична сообраќајна дозвола, како доказ дека ВМРО-ДПМНЕ спровела двојазичност.
– Жалам што застанавте во одбрана на криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Не слушнавме еден збор за комисија. Волјата на мнозинството се правда, промени и волјата на 700.000 граѓани се промени. Вашиот најголем страв се материјалите, „бомбите“, прислушувањето незаконски направено од оваа криминална банда. Се плашите од мирен трансфер на власта, се плашите од влада која ќе биде демократска и ќе ги донесе бараните промени. За да се демаскираат вашите лаги за федерализација и за кантонизација, ова е сообраќајната дозвола издадена на Македонец во Крива Паланка, каде не живее ни еден Албанец. Ова е двојазична сообраќајна дозвола. Затоа прашајте го Никола Груевски кој ја донесе двојазичноста – рече Николовски.
– Ова е тековна состојба на „Бест веј инвестмент од Скопје коишто токму во овој период додека луѓето протестираат надвор ја купува Ом Петрол. Управител, односно единствен содружник на оваа компанија е синот на првиот братучед на Никола Груевски. Токму преку овие зделки, додека граѓаните протестираат се шири богатството од нафтени складилишта и од повеќе бензиски пумпи. Не е патриотизмот во прашање, не е ништо друго во прашање. Во прашање е ширењето на богатството на оваа криминална власт. Но правдата доаѓа, криминално стекнатиот имот ќе биде конфискуван, рече Љупчо Николовски.