Денеска во Велес, носителот на листата во ИЕ 3 од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски, ги најави мерките на СДСМ со кои ќе им се помогне на младите да останат во државата и да имаат достоинствен живот и подобра иднина.
“Денес од Велес најавуваме дека ќе обезбедиме живот и работа на младите тука, во Македонија. Ќе обезбедиме европска младинска ганација која ќе гарантира дека секој млад човек во рок од четири месеци од завршувањето на образованието, ќе добие понуда за работа, ќе добие понуда за тренинг односно продолжување на неговото образование, односно негово доусовршување.
Оваа младинска европска гаранција ќе ја воведеме токму во Македонија за секој млад човек. За секој млад човек со добра бизнис идеја ќе обезбедиме фонд од три милиони евра годишно, преку којшто секоја бизнис идеја ќе ја финансираме со 10 000 евра неповратни средства од државата. Со измени во законите, за секој млад човек ќе обезбедиме да може да регистрира трговско друштво од само едно евро основачки капитал, со цел секој млад човек со добра бизнис идеја да може да отвори свој бизнис. Ќе обезбедиме стопати поголема државна поддршка за малите и средни претпријатија, отколку што е тоа сега.
Во првите четири години ќе обезбедиме 140 милиони евра финансиска поддршка за секое домашно мало и средно претпријатие. Ќе отвориме старт-ап бизнис центри во кои токму младите ќе можат да отворат компанија и ќе добијат целосна инфраструктурна, комунална, сметководствена и правна поддршка за својата бизнис идеја и своето претпријатие. Секој млад човек со добра идеја ќе може да ги користи овие поволности во првите две години. За секој млад човек ќе обезбедиме и добри кредите во износ од 15 000 евра со само еден процент камата. Дополнително на сето тоа ја менуваме казнената политика. Воведуваме принцип прво на опомена па потоа на казна.
Дополнително, го менуваме целосниот даночен систем во државата и воведуваме фер и правично оданочување. Ито така, нема да има локални шерифи, нема да има строги казнени политики. Ќе мора да обезбедиме добра бизнис клима, ќе мора да обезбедиме бизнис услови за секој млад човек да може да работи и да живее тука во Македонија”, заврши Николовски.