Ние не сме будали

1. 

Ние не сме будали – самоуверено тврди еден од стотината поканети од Специјалното јавно обвинителство да ги појаснат нивните (сомнителни и толку пати оспорени) парични „донации“ на газдите во криминалната врхушка. И човек не може претерано да му забележи на таквиот став односно на правото, со Уставот загарантирано, да мисли дека не е – будала. Иако сите факти аргументирано го говорат спротивното: дека во таа партија имало премногу будали кои дури и свесно ги премолчувале сите криминали, на кои буквално пред очи им поминувале оние милијарди што врхушката ги калупела по островските даночни раеви, сите оние добра (фирми, земја, згради …) купувани овде со наши пари а за нивна лична корист. И повторно – тие не биле будали? Па ако тие не се будали, кои се? Не дека и тие немале некој ситен ќар, некоја фирмичка, некоја работичка – државна, се разбира, некоја безначајна бенефиција. И тоа им било доволно да не се гледаат себеси како будали.

Океј, нека е и така, ама од каде им правото сите други да ги третираат како будали? Да мислат дека и сите други биле слепи и глуви, па и глупи, дека никој ништо не видел и не чул, дека нивниот неморал и нечесност се општо место во оваа и ваква Македонија? Нивно право да не се чувствуваат изиграни, измамени, понижени, ојадени … па и да мислат дека не се будали. Ама, повторно, а зарем сите ние сме будали?

Толку ли не гледаат дека времињата драстично, историски се сменија? Дека она огромно мнозинство во државава наспроти нивната партиска војска никако не е ни толку нечесно ниту толку неморално за да понатаму им прогледува низ прсти? А богами и оној народ кој под страв толку години молчеше и се правеше будала веќе не е истиот народ? И зарем не ја гледаат страобалната диспропорција меѓу нивното изедначување на имињата на Заев и Верушевски наспроти стотиците обвинети криминалци во нивните редови? И сега им е криво СЈО, ама кога ги правеа криминалите не мислеа на последиците?

2. 

Не верувам дека некогаш – или барем во блиска иднина – ќе можеме уверливо да (си) го објасниме тешкиот национален срам што (ни) се случуваше во изминатава деценија и што доведе до вакви состојби во државава. Не верувам дека ќе можеме да ја објасниме и таа извитоперена човечка психологија подготвена така слепо да се стави во понизна служба на такви криминалци. И да ги одржува толку години само и единствено заради некаков ситен, па нека е и крупен ќар. Што вели Вангелов, нам, или на некои помлади, ни претстои сериозна анализа и преиспитување на поблиската и подалечната македонска историја, каде што, можеби, ќе ги најдеме никулците и на ваквото однесување?!

Иако, за жал, останува тезата на онаа будала која што така цврсто тврди дека тие не биле будали. Останува, зашто тоа значи дека и денес, после се’, тие сите нас и понатаму не’ гледаат како нивни поданици, како малоумници кои дозволиле да им се случува ова што нам ни го приредуваа тие. Со еден збор – дека токму ние сме будалите! Колку и да сакаме да ја игнорираме таа теза, а низ изминативе две години имавме многу такви обиди, таа останува да виси во воздухот. Таквиот дамоклов меч впрочем висел често и врз целото човештво, последен пат во 1941-1945 година, кога нацистичката клика сакаше да го убеди светот дека сите освен нив се – будали. И светот имаше подготвен одговор: Нирнбершкиот процес!

Затоа и Македонија мора да опстои на започнатиот одговор, сега скромно наречен Специјално јавно обвинителство, со интенција за соодветно проширување до наш мини нирнберг. Само така ќе (им) докажеме дека не сме, ниту сме биле – будали. За направените грешки во изминативе десет години веќе жестоко плативме. И тие години долеваа сомнеж во нашиот здрав разум и способноста да се носиме со криминалци и будали од овој локален тип. Ама, очигледно, финалето претстои и тоа мора да се изведе според сите нирнбершки правила и процедури. Ако не за нас, тогаш за помладите генерации, оние кои останаа. Па можеби и заминатите ќе се врата. И да видат будалите кој е будала!

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e