Основниот суд Скопје 1 молчи за обвинувањата од Специјалното обвинителство (СЈО) дека бил сменет дежурниот судија кај кого ова обвинителство на 20 јануари поднело барање за издавање наредба за претрес кај сегашни и бивши функционери, пишува САКАМДАКАЖАМ.МК.
СЈО соопшти дека дежурниот судија во претходна постапка од непознати причини бил сменет. На негово место биле поставени судијките Елена Јосифовиќ и Александра Поп Стефанија. Тие, како што тврди СЈО, ги одбиле сите барања за наредба за претрес кај функционери, изразувајќи несогласување. Била издадена само една наредба, за случајот “Титаник“ за тешки изборни нерегуларности.
И за двете судијки СЈО претходно има побарано изземање во претходни постапки.
За судијката Елена Јосифовиќ, кога го води случајот „Трезор“, СЈО побара изземање поради сомнежи дека нема да постапува непристрасно затоа што братот на нејзиниот сопруг имал деловни врски со фирмата „Финзи“ на покојниот сведок Коста Крпач, што исто така е под истрага.
СЈО ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА УШТЕ ЕДНА СУДИЈКА ОТИ ИМА РЕЛАЦИИ СО „ФИНЗИ“
За Александра Поп Стефанија СЈО има побарано изземање во случајот „Тврдина“ со Гордана Јанкулоска, бидејќи поранешната министерка се води како вработена во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во разгранокот на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија.
СЈО БАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА СУДИЈКАТА ШТО ЈА СПОРИ НАДЛЕЖНОСТА ЗА УНИШТУВАЊЕ НА ПРИСЛУШУВАНАТА ОПРЕМА
„Нема да има реакција од Основниот суд Скопје 1“, ни беше кажано официјално од таму. В.д. претседателка на Кривичниот суд е Татјана Михајлова, која го води судењето против обвинетиот екпремиер Никола Груевски за нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски и за насилствата во општина Центар. Според деловникот на судот, таа има ингеренции да го менува распоредот на судиите, ако има законски оправдана причина.
Според неофицијалните информации, кога се паднале барањата за наредба за претрес кај сегашни и поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ, Михајлова била на одмор во Бугарија. Таа, велат од Кривичниот суд дала наредба неподобниот судија да биде сменет токму со Јосифовиќ и Поп Стефанија, за кои СЈО веќе има поднесено барања за изземање поради сомнежи во нивната непристрасност.
Нема одговор од Основниот суд Скопје 1 зошто се чекало дури пет дена за овие две судијки да го известат СЈО во однос на барањата за претрес на функционери за истрагите што ги води ова обвинителство.
Целиот текст прочитајте го тука