Почитувани мои пријатели од граѓанскиот сектор, ве молам немојте да потпаѓате под влијанието на кецарошите во актуелната власт кои се обидуваат своето незнаење да го промовираат како знаење и да ги уништат сите демократски придобивки на граѓанското организирање.
1. Во Законот за пратеници не е предвидена неспојливост на функцијата пратеник со членување во здружение на граѓани:
Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија на Уставниот суд на Република Македонија, судија, народен правобранител, јавен обвинител и други носители на функции кои ги избира и именува Собранието и Владата на Република Македонија, со член на совет на општина и градоначалник на општина, односно градот Скопје и вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа.(член 9)
Впрочем еве замислете дека една жена пратеник е и член на здружение на жени заболени од рак на дојка. Зошто е тоа невозможно и во што е конфликтот на интереси?
2. Во Законот за здруженија на граѓани никаде не е забрането политичко делување. Напротив:
Организациите можат слободно да … да учествуваат во … креирањето на политиките. (член 14)
Она што е забрането е:
Организациите не можат да вршат активности на политичка партија, односно не можат да обезбедуваат директно или индиректно финансирање на конкретна политичка партија … (член 13)
Ова не значи дека не смеат да учествуваат со свое мислење и со свои барања до сите политички партии како организации кои застапуваат интереси и потреби на одредени групи луѓе. Ова не значи дека не смеат да кажат дека се незадоволни од начинот на кој постапуваат одредени партии, а дека се задоволни од начинот на кој постапуваат други.
И ова не значи дека нивните членови индивидуално не може да застапуваат интереси на конкретни политички партии и да донираат и да учествуваат во кампањи и да бидат политички ангажирани.
Впрочем во членот 19 нема никакво ограничување на членувањето во здружение на граѓани:
Член 19
(1) Членувањето во здружението е доброволно.
(2) Основачите се членови на здружението со еднакви права и одговорности, како и другите членови на здружението.
(3) Физичко лице може да биде член на здружението независно од неговата возраст во согласност со статутот.
(4) Малолетно лице со наполнети 14 години се зачленува во здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон.
(5) Лицата со ограничена деловна способност или лицата на кои им е одземена деловната способност можат да бидат членови на здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон.
Законот за спречување на судир на интереси дури и децидно вели дека нема ограничување на членувањето во здруженијата на граѓани:
1) Службеното лице кое членува во здружение на граѓани и фондации не смее да ги злоупотребува информациите и податоците со кои располага при вршењето на својата должност како и да стекнува добивка за себе или за лицата од членот 3 став 1 алинеја 5 на овој закон при остварувањето на неговите активности во рамките на здружението на граѓани и фондации.
2) Службеното лице кое членува во здружение на граѓани не смее да биде член на органите на управување ниту да биде на која било раководна функција во здружението. (СТАВОТ Е УКИНАТ со Одлука на Уставниот суд „Службен весник на Република Македонија” бр. 3/2008).
2) Службеното лице може да биде член на управни или надзорни органи на непрофитни организации, здруженија на граѓани и фондации кои извршуваат научни, културни, спортски, хуманитарни и слични дејности, без право на надоместок, освен за патните трошоци во врска со дејноста на тие организации, здруженија и фондации. (член 20)
И престанете да ги исфрлате од членство луѓето кои се политички ангажирани. Тоа е сосема непотребно и бесмислено.
Мирјана Најчевска
фејсбук статус