Наставниците на обука за примена на нови критериуми при оценување на учениците

Со грант од скоро 146.000 евра преку програмата на ЕУ Еразмус плус за поддршка и развој на образованието, обуката, младите и спортот, во наредните три години ќе се спроведува проект за обука на наставниците во основно и во средно образование да применуваат нови критериуми во оценувањето на учениците по предметите математика и природни науки.

За грантот аплицирало Бирото за развој на образованието кое проектот за воспоставување нови критериуми за оценување ќе го спроведува заедно со Министерството за образование и наука, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и во партнерство со Меѓународмниот центар за наставни програми при Универзитетот Кембриџ и организацијата „Афлатун“ од Холандија.

Советниците на Бирото, откако самите ќе бидат подготвени од странските партнери во проектот, ќе ги обучуваат наставниците како да ги вреднуваат постигнувањата на учениците по предметите чии учебници се адаптирани на програмите на Центарот од Кембриџ.

Директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ истакна дека главен нагласок на програмите адаптирани по Кембриџ е учење преку искуство и експерименти, така што наставниците треба да бидат обучени и како да развијат критериуми и инструменти за оценување на ваквите вештини на учениците.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Дарко Димитров и ја честиташе на БРО успешната проектна апликација за добивање на грантот од програмата Еразмус плус.

– Договорот за грант кој го доделува Националната агенција е во износ од 145.621 евро и е финансиран од програмата Еразмус плус. Исклучително важно за овој проект е што тој е тесно поврзан со подобрување на образовниот процес, образовните политики на Република Македонија што, всушност, се главните приоритети на Еразмус плус и на Европската стратегија за образование и обука 2020, додаде Димитров.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e