Над 40 авто-школи под сомнение дека договарале цени за обука

Комисијата за одлучување по прекршок, која е дел од Комисијата за заштита на конкуренцијата, објави дека во склоп на тековните активности за утврдување евентуални прекршувања на Законот за заштита на конкуренцијата, извршила инспекција во повеќе авто-школи на територијата на државава. Проверките на Комисијата опфаќаат активности поврзани со над 40 авто-школи.

„При увидот се констатирани индиции кои упатуваат на можност за усогласено однесување на авто школите – картел при формирањето на цените за обука на кандидатите за возачи што претставува потенцијално прекршување на член 7 став (1) од Законот за заштита на конкуренцијата“, стои во соопштението од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Институцијата нагласува дека ќе продолжи со интензивно прибирање на докази и детално утврдување на сите битни факти. Доколку се потврди постоењето на недозволено договорно дејствување, ќе бидат преземени соодветни чекори согласно законските одредби.

Комисијата останува посветена на одржување на конкурентноста на пазарот и заштита на интересите на потрошувачите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e