На вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, не му пречи тоа што неговите колеги Албанци зборуваат на албански јазик, по прес-конференцијата која ја одржа заедно со министерката за локална самоуправа Ширет Елези која пред новинарите се обрати на албански јазик, а потоа и на македонски.
Откако во среда попладне претседателот Ѓорге Иванов не му го додели мандатот на лидерот на опозицијата Зоран Заев поради тоа, како што рече, преговарал за албанската платформа, Албанците во земјава го обвинија Иванов дека води антиалбанска политика.
Меѓутоа, кога станува збор за обраќање пред јавноста, министрите и градоначалниците на ДУИ одамна се обраќаат на албански јазик, а подоцна сами го кажуваат истото на македонски јазик.
По обраќањето на министерката Ширет Елези, вицепремиерот Пешевски беше прашан од новинарите дали му пречи тоа што неговата колешка се обрати на албански јазик, а тој рече дека прашањето е провокација и дека нема да го одговори, но, сепак, рече дека него лично не му пречи тоа што колегите се обраќаат на албански јазик.