Очигледно денес во дпмне имало нов наплив на уберпатриотизам и обновување на посветеноста кон светата, античка македонска кауза за десоросоизација. Утрово партијата објави официјално соопштение за тоа како Ивана Туфегиќ, Лидија Димова и јас всушност сме го уништувале граѓанскиот сектор во државава, дека сме бледа копија на Милчин и дека сме заинтересирани само за нашите банкарски сметки, притоа палејќи, уништувајќи и тепајќи се’ што ќе ни се најде на патот.
Да учиш од соопштение на дпмне како се штити независно граѓанско општество е како да учиш од нацистите како се штити еврејската култура. Колку и да е спакувано во фини зборови, знаеш дека нема никаква врска со реалноста.
Најапсурден ми е делот каде (сега веќе и официјално) партијата, сака да ме дискредитира преку правење паралела со Владимир Милчин. Инаку, и извршниот комитет на дпмне и нашиот државен врв се преполни со луѓе кои до пред неколку години земале средства, или молеле да земат средства од Фондацијата Отворено Општество. Од истиот тој Милчин и од истите тие организации кои сега ги десоросоизираат.
Да, го познавам Владе Милчин. Го почитувам, имам соработувано со него (макар и само неформално) и имам многу научено од него. Ист е случајот и со десетици други луѓе од невладиниот сектор, кои јас гордо ги нарекувам мои ментори и менторки, а груевски сега ги означува како најголеми непријатели на македонштината (намерно не споменувам други имиња). Но тоа што не може да им влезе во шаблонските мозоци на внуците на Ќосето е дека во граѓанскиот сектор никогаш немало, ниту може да има еден лидер – т.е. еден човек кој дава наредби, а другите бескомпромисно слушаат. Ние не следиме слепо, ние соработуваме, комуницираме и си контрираме. Понекогаш и премногу.
Понатаму, немам намера да се објаснувам дали сум палел или сум напаѓал полицајци. Тие кои протестирале со мене, многу добро знаат – а другото нека го докаже зврлевски, да го видам.
А што се однесува до бакарската сметка, за кратко на страната на ДКСК ќе биде објавен и мојот анкетен лист за имотната состојба. Па тогаш ќе видиме кој е позаинтересиран и кој успеал да заштеди по десетици илјади евра месечно – „хулиганите“, или „патриотите“?
Во меѓувреме, слободно десоросоизирајте, плукајте и правете паралели – на крајот сепак ќе одговарате за стореното и го знаете тоа.
Фејсбук статус на Павле Богоевски