МВР ги суспендираше Горан Ѓорѓиевски и Митко Пешов

Суспендирани се Горан Ѓорѓиевски Зољата, началник на централни полициски сили на МВР (десно на сликата) и Митко Пешов раководител на одделот за посебни единици во полицијата, потврдија за Телма од МВР, откако со извештајот на работната група официјално е потврдена серија пропусти на МВР и на полицијата во собраниските инциденти на 27-ми април.

Временото оддалечување од работата додека траат дисциплинските постапки против двајцата е потпишано вчера попладне по што им е врачено на двајцата функционери. Ѓорѓиевски е дел од сребрената команда на оперативниот штаб (предводен од Чавков) додека Пешов е главен раководител кој ги координира сите посебни и специјални единици во МВР.

Во извештајот кој денеска е презентиран стои:

-За 27.04.2017 година, за обезбедување на Собранието на Р Македонија, Бирото за јавна безбедност немало планирано полициски службеници во резерва (приправност);

-Раководителот на Оперативниот штаб (златна команда) и раководителите на надлежните организациски единици во БЈБ, иако биле исполнети условите навремено не издале наредба за повикување на припадниците на Одделот за специјални полициски операции;

-Началникот на Секторот за внатрешни работи Скопје (сребрена команда) навремено го известил Раководителот на Оперативниот Штаб (златна команда) за состојбата и насилното влегување на граѓаните во Собранието.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека досега се суспендирани 23-ца службеници на полицијата и на МВР, а за 45-мина се води дисциплинска постапка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e