Може ли да ги снема доказите од УБК додека СЈО го чека експертот?

Во очекување на експертот од Ериксон министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, ангажирал полициско обезбедување и видео надзор на системите.
Експертите по компјутерска технологија посочуваат дека сепак е можен хакерски упад во компјутерите. Поранешниот професор на ФИНКИ, Игор Трајковски, вели дека е можно да се пристапи до системите дури и од друга држава.
Зависно од опремата со која располага УБК, Трајковски додава дека доколку нешто се избрише од системот, трагите можат да се покријат, но извори од МВР за 24 Вести, пак, тврдат дека системот располага со еден вид „црна кутија“ која ги памети сите податоци.
Дека е можен пристап до компјутерите, потврдува и професорот по безбедност Владимир Пивоваров. Тој вели дека обезбедувањето и видео надзорот тоа не можат да го спречат.
Министерот Спасовски не сакаше да ги коментира дилемите кои се појавија во јавноста, наместо тоа увери дека судската наредба, со која СЈО влезе во УБК, ќе биде спроведена во целост.
По два дена натегање во УБК, Специјалното обвинителство доби уверување од Спасовски дека опремата ќе биде обезбедена додека не пристигне експертот од „Ериксон“. Од компанијата тогаш потврдија дека добиле барање за техничка асистенција, но за дополнителни прашања упатија одговор да се бара од Специјалното обвинителство.


Извор: 24 Вести

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e