Мисајловски: ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го ревидира Преспанскиот договор

„Зоран Заев ја најави победата на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори. Зоран Заев знае дека граѓаните не ја поддржуваат неговата антидржавна политика. Заев е соочен со одговорноста за пазарењето со највисоките национални и државни интереси и затоа се обидува да ги заплаши граѓаните дека ги чека крајот на светот доколку не го прифатат неговото виткање на кичмата како единствен начин да се преживее“, рече денеска на прес-конференција Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Вистината е сосема поинаква. Зоран Заев за да ги покрие криминалите, наместените тендери, скандалозните вработувања и уште поскандалозните договори, концесии и лиценци со кои се испумпаа стотици милиони евра од буџетот, се согласи да го потпише Преспанскиот договор кој директно задира во идентитетот на македонскиот народ. Зоран Заев се колнеше во жицата македонска, во внуците, во таткото и во дедовците дека немало да го менува Уставот и дека не се родил таков човек кој би се откажал од името Република Македонија.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои двотретинско мнозинство ќе стори се што е можно за да ги корегира штетите кои Зоран Заев и ги направи на Република Македонија.

Да, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да го ревидира Преспанскиот договор доколку освои двотретинско мнозинство и тоа не значи дека Македонија нема да биде дел од НАТО или дека ќе има помалку странски инвестиции. Напротив, Македонија ќе биде горд сојузник на нашите стратешки партнери, а странски инвестиции ќе има многу повеќе отколку сега, бидејќи странските инвеститори нема да ја заобиколуваат земјава притиснати од рекетот на соработниците на Заев. Зоран Заев е исплашен и треба да биде исплашен бидејќи неговото време заврши. После 12-ти април следува обнова на Македонија, а секако и одговорност за сите криминали и афери.“, рече Мисајловски.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e