Нема пари од Mинистерството за култура за струмичкиот карневал. По минатогодишните 100 илјади денари за ова најмасовна манифестација на отворено, годинава ресорното Mинистерство одлучи да не додели ниту денар, објавија организаторите на ова манифестација која последниве години е прогласувана за супер бренд, но и најдобра манифестација на отворено во Македонија, објави СДК.
За разлика од струмичкиот, сите останати карневали, но и одделни карневалски групи од Македонија добиле финансиска подршка од Министерството за култура, тврдат од градскиот комитет на ФЕКК (Федерација на европски карневалски градови). Тие сметаат дека последниве години постојано се маргинализирани од државните институции .
Од Mинистерството за култура информираа дека организаторите на Струмичкиот карневал, немале потврда дека оваа манифестација е прогласена или регистрирана како културно нематеријално наследство од Управата за заштита на културното наследство, што било услов годинава да добијат пари од државата.
Финансиската конструкција на карневалот годинава ќе изнесува околу 4 милиони денари од кои 2,5 милиони се обезбедени од буџетот на општина Струмица, додека останатите, организаторите ги планираат преку спонзорства од повеќе фирми.