Се докажа дека Груeвски не може да формира Влада, а во согласност со Уставот, претседателот на државата, Ѓорге Иванов, мандатот треба да му го даде на лидерот на СДСМ и на Коалицијата за живот во Македонија, Зоран Заев, изјави денеска на прес-конференција претседателот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски.
– Иванов не смее да се дрзне да оди спротивно на волјата на граѓаните. Недозволиво е тој да се однесува сервилно кон Груевски, да тактизира, да се крие и да се обидува да ја продлабочува политичката криза во државата – рече Милевски, додавајќи дека Груевски е должен да овозможи смена на власта како што побараа мнозинството граѓани.
Прашан зошто Заев не собере 61 потпис од пратеници и не отиде директно во Собранието на Република Македонија да го земе мандатот, Милевски одговори дека Уставот треба да се практикува еднакво за сите.
– Груевски не даде 61 пратеник како доказ дека има мнозинстсво, па Иванов му го додели мандатот. Како што направи првиот пат, треба да направи и сега и мандатот да го додели на коалицијата која е втора по бројот на пратеници. Ние сме убедени дека ќе формираме влада – рече Милевски.
Тој додаде дека ЛДП ќе биде дел од новата влада и ќе даде придонес во спроведувањето на итните реформи предвидени во извештаите на Прибе и на Европската комисија, како и дека новата влада ќе му даде поддршка на Специјалното јавно обвинителство за целосно расчистување на скандалот со незаконско прислушување и на кривичните дела што произлегуваат од него.