Брисел се’ уште е без одговор на писмото кое македонскиот Претседател Ѓорѓе Иванов вчера го испрати до меѓународниот фактор, а во кое бара да се осуди Платформата на партиите на Албанците. По писмото на Иванов, силна порака до официјално Скопје испрати заменик – помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји, кој вчера од Хрватска изјави дека САД се интересираат за стабилноста и за просперитетот на земјите од регионот. Тој ги повика партиите во Македонија да бидат отворени за компромис и повика на што поскоро создавање на нова Влада.
„Искрено се надевам дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците да ја изразат својата волја и дека што поскоро ќе се формира извршната власт, бидејќи на земјата ѝ е потребна Влада која ќе ги продолжи и ќе ги унапреди започнатите процеси во рамките на процесот на приближување кон ЕУ“, изјави високиот претставник на Стејт Департментот, Хојт Брајан Ји
„Се запознав со писмото кое Претседателот Иванов го испрати до претседателот на Европскиот совет, до Претседателот на САД, до турскиот претседател и до Генералниот секретар на НАТО. Ќе сфатите дека воопшто нема да коментирам за едно писмо кое не е испратено до Претседателот на Република Франција. Ова писмо ќе биде разгледано во рамките на Европскиот совет, во петок.“ – изјави Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Скопје
И претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ја изрази својата загриженост за ситуацијата на Западен Балкан. Тој изјави дека ЕУ одблиску ја следи сензитивната ситуација во Западен Балкан и дека ќе ги анализира начините на кои би можеле да се одржат стабилноста и безбедноста не само на Балканот, туку и во цела Европа.
Извор: Алсат