Долгогодишниот шеф на кабинетот на поранешниот премиер Мартин Протугер од април месец годинава е веќе вработен во партијата ВМРО-ДПМНЕ, објавија дел од медиумите. Тој веќе им се придружи на платниот список на поранешните министри Јанкуловска и Јанакиевски но и поранешниот портпарол на МВР Иво Котевски, пренесува ТВ24.
Ова се само дел од имињата на фронт – мените кои беа значајни за партијата, дел од нив беа и во извршната власт а се спомнуваа и во прислушуваните разговори. Новите владини промени ќе ги подотворат ли вратите на Белата палата и за нови вработувања не само од првиот ешалон на партијата туку и од останатите каде имаше и звучни имиња на функционери градоначалници и директори.
Од партијата денеска побаравме став и одговор колку вработени брои таа и дали бројката во престојниот период ќе расте, но одговор не добивме. Во краткиот разговор ниту потврдија ниту негираа за имињата за кои се почесто се пишува дека се наоѓаат како вработени на платниот список.
Одговор не добивме ниту од кабинетот на техничкиот премиер Емил Димитриев што по неговото истекување на мандатот и дали е можно и тој да се најде на платниот список на партијата.
Сепак според истражувањата на БИРН, барем во изминатите неколку години, а повикувајќи се на информации од Централниот регистер, ВМРО-ДПМНЕ во 2014 година за плати и надоместоци пријавила трошоци од само 197 илјади денари. Што се претпоставува дека владејачката партија во 2014 година имала само еден вработен, кој земал бруто плата од 16.491 денар.
За во 2015-та, пак, истражувањето покажува дека според годишниот финански извештај на ВМРО-ДПМНЕ, сумата за плати и надоместоци видно се зголемува и изнесува околу 2 милиони денари. Што пресметано по најниската месечна бруто плата во Македонија, произлегува дека најголемата владејачка партија нема повеќе од 125 вработени за таа година.
Дали бројката на вработени во белиот замок ќе расте престојниот период со оглед на владините промени кои доаѓаат е прашање кое се отвара. Сепак до сега имаше случаи кога партијата објавуваше огласи за вработување а на списокот на вработени се почесто се спомнуваат имиња на видни функционери од поранешната владејачка гарнитура.