Владиниот преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, во разговор со МИА тврди дека се уште од МВР и Обвинителството нема официјален извештај за тоа како поранешниот мнакедонски премиер Никола Груевски пребега во Македонија затоа што се анализираат неговите претходни контакти.
– Од информациите што јас ги имам е дека сѐ уште работат и МВР и обвинителството на целосно разоткривање на целиот случај, вклучувајќи ги контактите што ги имал и дома и надвор од државата и верувам дека штом ќе имаат комплетен извештај ќе излезат во јавност – вели Маричиќ, кој очекува да има официјален извештај кога ќе бидат собрани сите информации.
Убеден е дека Македонија оваа година ќе добие датум за преговори, затоа што, како што вели, нема да им биде оставен простор за контра-аргументи на земјите-членки кои би биле против тоа.
Она што за нас е примарно е ние да го направиме нашиот дел, што зависи од нас. Тоа се трите основни патеки по кои што се движи владата и Република Македонија. Патеката на исполнување на Преспанскиот договор, тој дел е завршен во најголема мера, нашиот дел е завршен, следува грчката ратификација и сите фази на имплементација како што се опишани. Втората патека се реформите. Направивме план 18 што се спроведува и дава веќе видливи резултати во клучните области утврдени од Европскиот Совет минатата година, и во борбата против корупцијата, и во правосудството и во тајните служби и јавната администрација, направени се крупни чекори што треба да се реализираат до моментот на одлуката за преговори. Третата патека е заокружување на преговарачките тимови, тоа го комплетираме после секоја скрининг сесија. До крајот на месецот очекуваме да се донесат актите на Влада кои што ќе ја дефинираат преговарачката структура детално правно и ќе ги дефинираат односите меѓу институциите во таа смисла. Нас ни е најважно да бидеме подготвени до јуни, да нема никаков аргумент и никакво образложение зашто некоја држава би имала основа да нѐ блокира. Знаеме дека исходот зависи и од резултатите на европските избори и од расположението на земјите членки, но убедени сме дека направивме доволно за да ги започнеме преговорите.
За тоа договор вели дека ќе се спроведува чекор по чекор, односно дека е поврзан со отворањето на секое посебно поглавје во преговорите со ЕУ.
Самата имплементација на Преспанскиот договор, во еден свој дел, во однос на внатрешната примена на новите имиња и терминологија, е врзан со почетокот на преговорите во поглавјата од правото на ЕУ. Мислам дека никој не би сакал да се доведе во ситуација во која поради тоа, поради неносење на одлука за преговори се блокира целосната имплементација на Преспанскиот договор. Затоа се надеваме дека ќе имаат предвид државите членки кои што одлучуваат, и Европската комисија, дека и Преспанскиот договор и реформите се директно поврзани со почетокот на преговорите. Евентуално недонесување на одлуката секако негативно би влијаело врз овие процеси и би го пресекло логичниот след на настаните досега и би го пресекло натамошниот развој на државата. Политичката транзиција е врзана за внатрешната употреба на имињата и терминологиите и таа е врзана со временски рок од пет години од почетокот на секое поглавје, од областа на поглавјето. Да речеме за конкуренција, од почетокот на поглавје па пет години понатаму имаме време да си ги усогласиме сите термини во таа област со новото име и новите терминологии, така што часовникот почнува да отчукува пет години тогаш кога ќе се отвори определено поглавје. Затоа е во интерес и на нас и на Грција и на ЕУ да се отвораат поглавјата побрзо за да динамиката на спроведување биде поефикасна – вели владиниот советник во дел од прашањата.
