Манифестот на ВМРО-ДПМНЕ: Лицемерна тактика која не нуди излез од кризата

Лицемерна и манипулативна стратегија која не нуди излез од кризата, вака дел од аналитичарите ја оценуваат новата визија на ВМРО-ДПМНЕ преточена во манифест на партијата.

Според дел од нив манифестот може да се чита како обид на првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ да не понесат одоворност за делата за кои со сомничат. Затоа, посочуваат, никаде не се споменува Специјалното јавно обвинителство. Познавачите велат дека целта на партијата е да ја одолговлекува политичката криза за да не биде формирана нова Влада. Согласни се дека со манифестот ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не сака да ја предаде власта на мнозинството во парламентот.

„Тоа е уште едно купување на време, тотално треба да биде отфрлен и тоа уште една пропагандна алатка за избори во кои гледа спас за себе, но тоа е тактичка грешка. ВМРО-ДПМНЕ треба да размислува за трансфер на власта, а не да агитира како да промовира програми, како да е почеток на некакви избори“ – изјави Жарко Јордановски, заменик главен и одговорен уредник во „Слободен печат“.

„Првиот дел е копија на Крушевскиот манифест кога зборува за рамноправност на сите етнички заедници. Манифестот не е иден документ врз кој ќе се гради излез од кризата, туку е обид за политичко и правно спасување“ – изјави Тодор Пендаров, колумнист и аналитичар.

Не може да се очекува владеење на правото од партија која го партизираше правосудниот систем, велат аналитичарите. Не гледаат искреност во долгорочните принципи кои партијата ги предлага со новиот манифест. За време на своето владеење ВМРО-ДПМНЕ не успеа да го направи пописот и ја одалечи Македонија од европското семејство, велат тие.

„Точки на правото, дијалог за национален интерес, каде беше тоа 25 години?“ – изјави Тодор Пендаров, колумнист и аналитичар.

„Една партија не беше во состојба десет години да спроведе попис, зборува за тоа дека треба да се направи попис, тоа е веќе парадокс. Од говори на говорници, бркање на странски амбасадори, жигосување на соросоиди, на невладини организиации. Точно директно спортивно на она што го прави, го зборува една иста партија. Ова е лицемерие кое ќе се учи во учебници“ – изјави Жарко Јордановски, заменик главен и одговорен уредник во „Слободен печат“.

Надворешниот фактор, велат соговорниците, е незадоволен од владејачките структури во земјава. Сметаат дека доаѓањето на претседателот на европскиот парламент претставува уште еден обид на меѓународната заедница да изврши притисок. Овој пат напорите се сконцентрирани на претседателот Иванов. Но познавачите не гледаат надеж во меѓународното влијание без нови лидерски средби и договор меѓу партиите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e