Денеска Дамјан Манчевски, потпретседателот на СДСМ оддржа пресконференција на која изјави дека доаѓа нова централна и локална власт која ќе го реши проблемот со загадувањето.
Притоа одговараше и на новинарски прашања:
Медиуми: Има уште три дена до ссотавување влада, но преговорите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се во голема тајност. Ваш коментар околу тоа?
Манчевски: Тоа треба да го коментираат оние кои учествуваат во преговорите. Ние го чекаме мандатот за составување на влада.
Медиуми: Доколку ВМРО-ДПМНЕ не успее да формира влада, дали за вас е прифатлива платформата на албанските партии?
Манчевски: Она што и претходно го кажавме, навистина, сметаме дека во Македонија е време за спроведување на еден сосема нов концепт за подобар живот за граѓаните. Не се работи само за платформа на овие три партии, и ние имаме наша платформа која, кога ќе дојде време ќе ја презентираме и на јавноста и на потенцијалните коалициски партнери.
Медиуми: Дали се компатибилни двете платформи?
Манчевски: Во дел да, во дел веројатно не. Меѓутоа, ќе соопштиме на време.
Медиуми: Дали сте сигурни дека вие ќе го добиете мандатот?
Манчевски: Со Ѓорге Иванов никој не може ништо да биде сигурен. Мислам дека дури ни тој самиот не е сигурен што ќе направи.
Медиуми: Како го коментирате повлекувањето на „бомбите“ од Јутјуб каналот?
Манчевски: Евтин трик, обид на Никола Груевски да проба да го скрие срамот од она што го правел. Навистина сметавме дека се откажал, но ете, тоа не е така. Ниту е прв пат, ниту последен. И друг пат имаат тргано од нашиот Јутјуб канал, односно реагирано до Јутјуб или Фејсбук за тргање одредени содржини за коишто подоцна ние повторно реагираме назад и сметаме дека многу брзо ќе бидат вратени.
Медиуми: Што доколку Иванов реши повторно да го даде мандатот на истата партија, меѓутоа на друг мандатар? Затоа што и тоа може да се толкува во Уставот.
Манчевски: Имаме разработени сценарија и за тој случај.
Медиуми: Имаше една средба на господинот Ахмети и господинот Заев. Имало ли други контакти меѓу СДСМ и ДУИ во изминативе денови?
Манчевски: Не. Немам што повеќе да додадам на таа тема од она што веќе го соопштивме. Што и да се случува навремено ја известуваме јавноста.
Медиуми: Кои се тие сценарија, ќе откриете ли?
Манчевски: Не. Не во овој случај.
Медиуми: Ќе коалицира ли Заев со Ахмети доколку има можност за коалиција, доколку го добие мандатот, затоа што во предизборието велеше дека со криминалци нема да коалицира?
Манчевски: Мислам дека е јасно дека апсолутно работиме на создавање на парламентарно мнозинство во коешто потенцијални коалициски партнери се сите освен ВМРО-ДПМНЕ. Така што апсолутно и тие изјави се однесуваа на луѓе коишто се обвинети од СЈО или инкриминирани во разговорите кои се предмет на истрага на СЈО.