Доста е веќе Македонци! Доста беше молк пред уцените и газењето на македонското достоинство! Време е за нов македонски манифест. Време е да го фрлиме на историската депонија оној илинденскиот, крушевскиот, како анахрон и застарен, и да изработиме нова, многу пофенси македонска платформа, која ќе одговори на заканите и предизвиците на новото време.
Нема Македонец на светов кому не му затропа срцето од возбуда кога се разбра за идејата за македонска платформа. А кој го тоа може, дами и господа? Љубисав Иванов Ѕинго го тоа може! С`с тија његови две руке!
Со истите две раце со кои го изгради комбинатот за да може Македонците да работат и да заработат по некој бон, со истите тие две раце со кои ја копаше македонската руда за Македонците да имаат репроматеријали, со истите тие две раце со кои гласаше закони во собранието цели 47 години во две држави и во сите политички системи – од комунизам и социјализам, преку плурализам, па сѐ до најновиот – феудализам, со истите две раце со кои се поздравуваше со големиот пријател на Македонија и на македонскиот народ Слободан Милошевиќ, со истите две јуначки раце еве денес го преточи во платформа вековниот копнеж на Македонците и на ВМРО-ДПМНЕ за своја држава, за да го одбраниме македонското ткиво од разјарените домашни и странски волци.
Но, за да биде контраплатформа како што ја личи, ние македонските социјалисти, предлагаме таа да биде потпишана под будното око на претседателот Ѓорге Иванов (она што е отворено дури и кога тој намигнува на странски државници). Да, точно е дека оваа платформа е одговор и пандан на т.н. албанска платформа што албанските партии ја потпишаа кај премиерот Еди Рама, но Македонија во моментов има премиер што е техничко лице, кој не е дури ниту од Кратово туку од Пробиштип, па затоа најсоодветно е овој документ да се овековечи во присуство на човекот кој и самиот е заговорник на обединување на Македонците и на сите македонски антички племиња од Дебар до Хималаите – господинот Ѓорге Иванов.
Дозволете да не должам многу и веднаш да ви го претставам текстот на платформата, кој очекуваме во најбрзо можно време да биде усвоен, за да можеме ние Македонците сплотени да си го одбраниме своето, без притоа да го крадеме туѓото.
Македонска платформа
Во името на отецот Ѕинго, синот Ѕинго мали и светиот дух Никола Груевски, имајќи го предвид Уставот на Република Македонија и законите донесени од 2006 година наваму, заедно со нашите коалициски партнери – Амди Бајрам, Слободан Угриновски и Стевчо Јакимовски, ја донесуваме оваа платформа базирана врз пет принципи: пастир е еден и се знае кој е; не кажуваме како ќе завршат „Вљубениот ерген“ и „Парампарче“; Сорос е Евреин и нацист, а соросоид – карактерна особина; Македонија цела да е, а Силекс пак првак ќе е; и Не може нам нико ништа Николаааааа…
Целата колумна на Сашо Кокаланов објавена на Призма прочитајте ја тука