Македонија: Да не заборавиме…

Толку е лесно да се заборави“. Ова би можел да биде нов политички слоган во Македонија.

Вистинските проблеми започнаа кон крајот на 2012 година кога полиција ги отстрани опозицијата и новинарите од собраниската сала. Веднаш потоа, преостанатите пратеници го изгласаа буџетот. Овој настан е показател за состојбата во Македонија денес. Постојано опозицијата и критичките медиуми се замолчувани додека најголемата партија остануваше на власт, се до денес.

На изборите во 2014 година владејачката коалиција успеа да обезбеди мнозинство со гласови на мртви луѓе. Овие нефер избори резултираа со бојкот од страна на дел од опозицијата.

И потоа дојде скандалот со прислушуваните разговори. Во било која функционална демократија ваков скандал би резултирал со оставка на Владата во рок од 24 часа и најверојатно предвремени избори. Во Македонија, партиите на власт се правеа глуви и продолжија како ништо да не се случило.

Резултатите од истражувањето на проблемите од страна на ЕУ се срочени во извештајот на Прибе. Бидејќи сите ние имаме кратко сеќавање, да повторам неколку клучни елементи од извештајот. Се вели дека има:

Очигледна директна инволвираност на високи владини и партиски функционери во нелегални активности, вклучително и:

– изборна измама
– корупција
– злоупотреба на моќ и функција
– конфликт на интереси
– уцени
– вршење притисок врз вработени во државната администрација да гласаат за една партија под закана за отпуштање од работа
– сериозни прекршувања во тендерските постапки
– непотизам

Индиции за неприфатливо политичко мешање во процесот на избор на судии.

Мешање во други навидум независни институции заради личен или партиски бенефит.

Што се однесува на медиумите – добива посебна тежина земајќи ги во предвид неодамнешните напади врз новинари – во извештајот на Прибе стои:

„Слободата на медиумите е неопходен темел за отворено и демократско општество. Медиумите треба да бидат слободни да ја известуваат јавноста без да бидат изложени на било каков притисок и директно или индиректно мешање од страна на власта.“

Да не заборавиме, ви препорачувам вистински да го научите ова, сите, деца, возрасни, ученици, родители, пензионери, политичари, идните генерации. Да не заборавиме.

Подоцна дојде Пржинскиот договор. Целта на овој договор беше да ја врати демократијата, а тие што ја злоупотребиле власта и учествувале во криминални активности да одговараат пред законот. Пржинскиот договор беше со добра намера поддржан од страна на три од четирите партии вклучени во преговорите. Една партија имаше многу кратко сеќавање и си продолжи како порано. Како ништо да не се случило, и како да не се обвинети за ништо.

И пак избори во 2016 година. Ситуацијата се влоши: Собранието воопшто не заседава, а на мнозинството пратеници не им е дозволено да ја состават новата влада.

И погледнете, го заборавивме извештајот на Прибе. Најголемата партија во Македонија сега протестира против платформа на албанските партии и бара нови избори, мислејќи дека нови избори би ни помогнале некако. Да, точно, би ни помогнале да заборавиме зошто всушност се случи кризата. Би ни помогнале да заборавиме на извештајот на Прибе, да заборавиме како опозицијата и новинарите беа исфрлени од Собранието на 24 декември 2012 година.

Еден пријател неодамна ми рече: „Ние не сакаме да запаметиме за што всушност се работи, не сакаме да запаметиме како умре демократијата во нашата земја, не сакаме да прифатиме дека тие што еднаш ги гласавме за да владеат беа погрешните луѓе. И одбиваме да инсистираме на истражување околу точките од извештајот на Прибе.“

Секако, тие што се вклучени во нелегални активности се уплашија. Тоа е причината за промената на судиите, да се контролира судството и да се блокира Специјалното јавно обвинителство. На „високите владини и партиски функционери“ не им е гајле за иднината на Македонија – иако глумат загриженост. Да, граѓани на Македонија, според нив дозволено ви е да протестирате против албанската платформа се додека молчите и не го спомнувате зборот Прибе, и заборавите дека тие ви ја убија демократијата.

Питер Ванхауте

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e