Eвропските лидери на редовниот самит на Европската Унија ја потврдија одлуката за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
@Европските лидери постигнаа политички договор за почеток на преговори со Европската Унија за Северна Македонија и Албанија. Ова е признание за значајните реформи направени од страна на двете земји кои покажаа силна политичка волја за продолжување на патот до ЕУ“, стои на објавата на Твитер профилот на хрватското претседателство со ЕУ.
Задоволство од одлуката изрази и министерот за надворешни работи Никола Димитров, посочувајќи ги честитките на Твитер од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
„Задоволни сме од потврдата на одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, што беше еден од приоритетите на хрватското претседавање со ЕУ. Ова покажува дека ЕУ останува посветена на своите приоритети и во тешки околности“,напиша на Твитер хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.
Потврдата за „зелено светло“ за преговори следува откако на 24 март министрите за европски прашања на земјите од ЕУ одобрија почеток на преговорите за Скопје и Тирана.
Европските лидери состанокот го одржаа онлајн, а главна тема беше коронавирусот.
Во таа насока, евроамбасадорот Самуел Жбогар веќе најави дека Европската унија ќе ја помогне Македонија со 66 милиони евра за борбата против пандемијата.
Извор: 360 степени