Врховниот суд денеска и официјално испрати соопштение со кое известува дека решенијата на Кривичниот и Апелацискиот суд со кои се определува притвор на Сеад Кочан биле укинати во четвртокот, пишува НОВА.
„По вака донесената пресуда, Кривичниот совет на Основен суд Скопје I Скопје ќе треба да одлучува по жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, поднесена против решението на судијата во претходна постапка со кое е одбиен предлогот за определување на мерка притвор“, пишува во соопштението на Врховен суд.
Како што е наведено во соопштението причините за ваквата одлука се повредите на законите од страна на пониските судови.
Одлуката ја донел петчлен кривичен совет чиј претседател е Јово Вангеловски. Таа е донесена по поднесеното Барање на заштита на законитоста од државниот обвинител Марко Зврлевски.
Сеад Кочан, првоосомничен во случајот „Труст“ на СЈО, од вчера е на Клиниката за кардиологија во Скопје, каде бил задржан на прегледи и испитувања. Дошол со брада, во придружба само на сопругата. Додека му траеше притворот, Кочан два месеци беше во бегство.
Кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 кој одлучи да му одреди мерка притвор на Кочан, што потоа ја потврди Апелацискиот суд Скопје, со новиот распоред од претседателот Стојанче Рибарев, веќе не постои.
Според новиот распоред, за жалбата на СЈО ќе одлучува нов кривичен совет, во состав на судијките Моника Бахчовановска, сопруга на Владимир Бахчовановски – висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ, потоа Софија Лаличиќ, која во прислушуваните разговори Сашо Мијалков и соопштува дека ја избрале за судија и Љубинка Башевска, судијката која го водеше случајот „Пуч“ и одбиваше да го викне единствениот сведок на СЈО, експремиерот Никола Груевски, и која го одложи случајот на неопределено време.
Извор: НОВА.