Контрадикторна најава за бојкот од страна на ВМРО – ДПМНЕ

Разочарувањето од изборниот резултат на членството на ВМРО – ДПМНЕ, каде се очекувала и добитничка разлика од 200 илјади гласа наспроти СДСМ, ја предизвика тешката реторика на Груевски, со која нема да се признава прегласувањето и резултатите кои произлегуваат од него. Ова е ставот на универзитетскиот професор Ненад Новковски, кој е и поранешен министер во влада на ВМРО – ДПМНЕ.

„Тоа што се случи со тие изјавите секако дека беше направено под некој притисок од определени кругови внатре во партијата. Пред се јас тоа го разбирам како обраќање кон некои кругови кои што биле взештени, кои што очекувале некој сосема поинаков исход, изјави Ненад Новковски, универзитетски професор.

И политичкиот аналитичар Митко Гаџовски смета дека барањата на Груевски испорачани пред ДИК се максимални, и тие треба да бидат основа за негово понатамошно пазарење со партиите и меѓународната заедница. Гаџовски сепак смета дека ВМРО – ДПМНЕ ќе отстапи од ставот за непризнавање за изборните резултати, бидејќи истиот е контрадикторен од почеток.

„Според изјавата на Никола Груевски се доведува во прашање и признавање на неговата победа, доколку победи, доколку не се смени резултатот во теарце после прегласувањето така што тоа е малку контрадикторна изјава која произлегува веројатно од некоја нивна проценка дека онаму каде што ќе се прегласува, со тоа прегласување резултатот ќе биде сменет во корист на СДСМ,“ вели Митко Гаџовски, политички аналитичар.

ВМРО – ДПМНЕ и вчера најави дека нема да учествува во прегласувањето во Теарце и нема да го признае резултатот. Но партијата досега не појасни што конкретно нема да признае, дали само резултатите од прегласувањето или целите избори, бидејќи е нејасно и како може селективно да се признаваат одредени изборни сегменти. Прегласувањето е инаку вообичаена изборна пракса досега, а најсвежо е контроверзното прегласување на половина од избирачките места во Општината Центар, кое тогаш беше побарано од ВМРО– ДПМНЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e