Комисијата во МВР собрала доволно докази против Чавков за крвавиот четврток, на потег ОЈО

Ќе го повика ли Јавното обвинителство на разговор првиот човек на Бирото за јавна безбедност? Извештајот на експертската комисија за крвавиот четврток, е подготвен и најдоцна до утре ќе се најде пред министерот Агим Нухиу. Потоа ќе биде адресиран и до Јавното обвинителство – велат извори од полицијата за ТВ 24.

Според иноформции од МВР, комисијата собрала доволно докази против директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Во извештајот тој ќе биде посочен како најодговорен за непостапувањето на полицијата додека насилниците дивееја во Собранието.

Комисијата ги сослушала сите полициски службеници кои на 27 април биле во законодавниот дом, како и раководните структури кои требало да издаваат наредби. По истрагата – во извештајот, брифираат нашите извори, ќе биде наведено дека шефот на оперативниот штаб дал наредба три часа да не се дејствува во Собранието. Чавков не ја активирал таканаречената Златна команда. Непосредно пред извештајот да стигне до јавното обвинителство, шефот на БЈБ, Митко Чавков, според наши информации, вчера бил на разговор кај министерот Агим Нухиу.

Митко Чавков пред околу две недели побара да биде пензиониран и го испразни својот кабинет, заминувајќи на годишен одобор. Ова се случи непосредно откако министерот Нухиу побара негово разрешување од функцијата шеф на БЈБ. Ден по упадот во Собранието, Нихиу го впери прстот кон Чавков кој повеќе од три часа не бил достапен.

По крвавите настани, Нухиу рече дека структурите на МВР нанеле сериозна штета на државата, а досега се суспендирани 20 припадници на полициските сили. Внатрешната контрола на Министерството води постапка за уште 30-тина лица. По суспендирањата, се огласија и полициските синдикати кои побараа одговорност од повисоките структури кои издавале наредби.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e