Калигула бил еден од најсуровите императори на римската држава. Верувал дека е бог и се што правел бил во полза да го замени богот Јупитер, дури се сметал за негова реинкарнација. Првите две години од неговото владеење бил нормален, но потоа се претвори во чудовиште. Првин, го обезвалстил сенатот со тоа што погубил бројни сенатори за да создаде страв. За да ги понижи нив, тој својот коњ со име Касач го назначил првин за конзул, а потоа и за сенатор. Стана толку суров што еднаш наредил цели два реда публика во арената да се туркат доле за да ги изедат животните. Оти му било здодевно. Илјадници луѓе ликвидирал, па дури и својата баба ја отрул. Ги убил својот зет и шура, а неговите две сестри избегаа за да се спасат од смрт. За својот „божји“ статус наметнувал посебни покорувачки ритуали кои пред тоа не постоеле -„бакнување на нозе“ итн.
Својата моќ го демострирал со скапи грандиозна градба, додека луѓето масовно умрирале од глад. Го изградил – Августовиот храм, Помпејовиот театар, амфитеатарот кај Септе, модернизација на Царската палата, го започна аквадуктот „Аква Клаудија“ и “Анио Новус“. Дури од Египет го донел големиот обеликс познат како Ватикански обеликс и го започна храмот Аполон од невидени размери. А народот страдал. Но, тукму поради својата суровост, тој сурово бил убиен од најблиските луѓе.
Се некако ова ми е познато, дури тука во мојата близина. Се доградил парламентот, ама и се безовластил и стана храм на измеќари и послушни слуги. Се изградила зградата на Уставниот суд за да се гази уставот во духот и словото. Се изградил Триумфалната порта за да симболизира триумф на злото. Се подигнаа големи споменици за да луѓето се чуствуваат сосема мали, ситни и понижени. Со години граделе нивни пирамиди рушејќи ги нашите животи. Се градело разновидни безвредни „маузолеји“, и многу коњи биле назначени за сенатори, судии, амбасадори итн. Се тоа попратено со астрономско перење пари од една докрај извалкана криминална група, која се живо во државата узурпирала, приватизирала и упљачкала. Тука се – Актор, Злетовица, Синохидро, Соцчев град, плацеви, споменици, јавни згради, тендери и што не, поврзани со Кипар, Лугано, Белизе, Кара, Сирах и многу други, кои сега се истражуваат под сериска буква „Т“. Имало и многу рекети, уценувања, малтретирања, протерувања, затворења, па и убивства. Така што вистинскиот „Титаник“ е обична играчка во споредба со безброј наши пиратски бродови кои пловеле без компас и само за гусарки цели. Таму страдале 1.500 случајни луѓе, а тука таа бројка треба да се помножи со илјада неслучајни луѓе. Страдаа милиони души поради мала група бездушници од лудило во сто чекори.
Додека Македонија се движеше наназад намерно провоцирајќи со името (а целта била да се рушаат интеграциите за мафијата да прави што сака), Србија стана лидер во регионот и сега води преговори за полноправно членство во ЕУ, а просечната плата двојно порасна (сега е 401 евра). За таа цел брзо ги решавала и жешките прашања со Косово. БиХ веќе стасала на 431 евра просечна плата (околу 80 евра повисока од Македонија). А да не зборуваме за Црна Гора која за 10 години стана членка на НАТО и наскоро ги завршува преговорите за ЕУ, а просечната плата стигна на над 500 евра. Сега се пред нас и Албанија и Косово, оти ние сме веќе последни со 351 евра. И што треба уште да се случи за да и таа мала бројка што уште ги подржува да разбере дека ние не сме имале власт туку несреќа. Можеби не им се доволни солзите на илајдници мајки за нивните деца, а низ една капка солза може да се гледа подобро отколку низ огромен телескоп.
Сега е јасно дека партијата на Груевски и Амети полека но сигурно се движаат кон нивното “харакири“. Владееле така што секој ден јаделе дел од нас и од државата. Сега секој ден се размножуваат изворите од чистата вода кои ќе треба да ги исчистат фекалите на секој квадратен метар. Сега веќе има и сериозни пукнатини во нивните бродови, кои ќе доведат до потонување. Освен ако некој не се одлучи да ги жртвува нив како сидро за да го спаси бродот. Но, се уште едни плашливци немаат храброст за да се откачат од давеникот кој има камен околу вратот, па и нив ги влече во бездна.
Но, треба да се има предвид дека се уште кај нас можете да најдете луѓе на кои власта ќе им го упропасти животот, а да помислат дека тоа е од патриотски причини. Луѓе кои продолжуваат да мислат дека општото осиромашување и истерувањето на нивните деца од државата е поради некое општо добро. Но, слободата е прескапа за да се остава на евтини луѓе. А сите ние треба да разбереме дека животот не ни е секогаш лош само поради лошите луѓе, туку и поради добрите луѓе кои не се спротиставуваат на лошото. И конечно, божји грев е да им се даде глас на тие што имаат потреба за мозок и морал.
По изборите, одговорноста треба да биде неизбежна. Општото ослободување, опфаќа не само враќање на нормалноста, туку враќање и на ограбените пари. А Калигула и неговите коњи ќе мора во некоја штала.
Мерсел Биљали
Извор: Либертас