Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев изјави дека над 180.000 граѓани од Македонија поседуваат бугарски пасоши, а околу 20.000 нови апликации се моментално во постапка на разгледување од страна на бугарските власти.
Во интервју за бугарските медиуми, Ковачев истакна дека оваа бројка покажува „длабоки историски и културни врски меѓу двата народа“, додавајќи дека многумина од апликантите го користат пасошот и како начин да патуваат и работат во земјите на Европската Унија.
„Повеќе од 180 илјади граѓани од Северна Македонија веќе го имаат добиено бугарското државјанство врз основа на нивното бугарско потекло, а постојано пристигнуваат нови барања. Процедурите се одвиваат во рамките на законот и под надзор на Министерството за правда“, рече Ковачев.
Темата за бугарските пасоши кај македонските државјани често предизвикува контроверзии, особено поради политичките импликации и прашањата за национален идентитет. Според аналитичарите, дел од граѓаните го гледаат бугарскиот пасош како практична можност за подобри економски услови, додека други ја потенцираат историската врска со Бугарија.
