Навидум вообичен ден во неделникот „Република“. Неколку разговори преку Скајп со сопствениците од Белизе, неколку преземени текстови од „Курир“, пренесени две-три соопштенија од партијата, објавени сите договорени коментари против опозицијата, елката накитена, исто и сметката… Накратко – здодевно празнично претпладне.
Добро, се шегувам за Скајп-разговорите со сопствениците од Белизе, тие им се непознати дури и на уредниците, но другото беше горе-долу така како што е опишано, кога неочекувано заѕвони црвениот фиксен телефон. Новинарите се погледнаа, измешани чувства на страв и возбуда им се читаа од погледите, тој број го знаат во штабот на… О, господе, зарем е можно!
Да, можно е! Женски глас, кој би можел да ѝ припаѓа само на личната секретарка на големиот водач и татко на партијата, кратко им вели: „Претседателот е расположен да ви даде мегаинтервју. Потребна е итна средба со уредникот на тајна локација“.
Уредникот добива координати, средбата е закажана некаде во близина на врвот Солунска глава, далеку од очите на Сорос и на ЦИА, каде што главниот на редакцијата по неколку часови чекање конечно го дочекува хеликоптерот со Иво Котески за натамошни инструкции. Условите за мегаинтервју се следни – да, „Република“ ќе го добие бараното интервју, но само ако прашањата и одговорите ги состави лично големиот водач.
„Баш истово и јас би го прашал“, прокоментира уредникот, кој сепак сакаше да остане анонимен и при објавувањето на интервјуто, за да не стане цел на агентите на ЦИА
„Добро, но што ако испадне предолго?“, едвај изустува уредникот, чиј идентитет заради негова лична заштита нема да биде објавен.
Котески не го очекува ова прашање. Преку специјално токи-воки на фреквенции што не ги фаќаат радарите на Сорос, ЦИА и на останатите странски служби, тој се консултира со Илија Димовски („Идиотиве прашуваат што ако е предолго“), а по краткиот разговор, отсечно одговара на прашањето:
„Ако е предолго, ќе го објавите во продолжетоци“.
Потоа влегува во хеликоптерот и исчезнува од локацијата. Уредникот се враќа во редакцијата. Им ја соопштува радосната вест: „Ќе имаме мегаинтервју!“ На неколку негови помлади колеги почнуваат да им се тресат колената од трема, наросени се со пот од возбуда и челата на поискусните. Добиено е интервјуто на векот!
Им ги соопштува и принципите на партијата за самоиспрашување. Има еден помлад што негодува, но го убедуваат дека најдобро е така, зашто ако самите ги подготвуваат прашањата, можеби ќе погрешат некое и ќе останат без работа, а така ќе ги пропуштат сите следни мегаинтервјуа со водачот во иднина.
По извесно време, факсот, за кои веруваа дека е некаков музејски експонат во редакцијата, одеднаш проработе. Излезе од него некаков криптиран текст кој, благодарение на светите книги од Ниче Македон, веднаш беше дешифриран. Беа тоа прашањата за интервјуто. Каде бевте за Нова година? Значи и Вие одморивте малку? Која книга ја читавте? Што најмногу Ви се допадна во неа? Како со кашлањето, намаливте ли? Секоја есен-зима Ве слушаме како многу кашлате? Дали Ви открија на што сте алергичен? Можно ли е тоа да е од загадениот воздух?..
„Баш истово и јас би го прашал“, прокоментира уредникот, кој сепак сакаше да остане анонимен и при објавувањето на интервјуто, за да не стане цел на агентите на ЦИА, кои кога не пијат кафе на „Аминта Трети“, секогаш се моткаат околу Владата, во чија близина е и редакцијата на „Република“.
И навистина, си помислија сите во „Република“, што друго да го прашаш човекот обвинет за нарачка на насилство на политички противници, осомничен за изборен криминал, корупција, прислушување на 20.000 граѓани, човекот кого го чувме како бара 20 милиони евра провизија од Кинезите, како купува плацеви на Водно, нарачува мерцедес од 600.000 евра, човекот за кого се верува дека заедно со братучедот овозможиле од Македонија да се одлеат на црно 5 милијарди долари, притоа доведувајќи ја земјата на просјачки стап со преку половина милион жители под прагот на сиромаштијата, човекот кој бараше 63, а доби 51 пратеник, кој ја градеше својата предизборна приказна врз синтагмата „клетите Шиптари“, а сега седи на коленото на Али Ахмети и чека да биде погален, човекот против кого гласаа преку 600.000 гласачи, конечно, што друго да го прашате човекот кој инспирираше некролози за странски амбасадори, освен – како сте со кашлицата и на што сте алергичен во сезоната есен/зима?
„Дури и да ми дозволат да поставам некое прашање, навистина не би знаел што да додадам. Погледнете, и потпрашањата се на место, сите до едно“, искоментира уредникот, одново и одново читајќи ги прашањата на глас.
Сепак, иако прашањата самиот ги постави, големиот водач побара ден-два за добро да ги промисли одговорите. Мегаинтервју не е заебанција.
По два дена чекање, факсот почна да принта, се истурија цели ролни хартија, водачот навистина имаше многу што да ѝ порача на нацијата за својата кашлица, но и за непријателите од НВО-секторот.
Прекрасни одговори, помислија сите во „Република“. Како што му доликува на еден голем водач. Одморал, но со мислите „работел максимално“. Ја прочитал „Повторно величествена“ од Доналд Трамп („Како се сликав со Хилари“ ја немало во библиотека). Почнал да ја пие терапијата. Го победил Сорос на избори. Почнал да верува во списите објавени во „Викиликс“, но не стасал до сопствените транскрипти за тајниот мајски договор со Али Ахмети и договарањето на двојазичноста (тука уредникот на „Република“ едвај се воздржа да не потпраша, за волја на вистината имаше неколку спремни потпрашања, но му беше незгодно да ја прекине факс-машината во нејзината работа).
Целосната колумна на Сашо Кокаланов за Призма може да ја прочитате тука