Кој ќе добие мандат за формирање Влада?

Денешниот празник ги собра функционерите од ВМРО- ДПМНЕ на божикната литургија во Соборниот храм во Скопје. Половина час по почетокот на церемонијата, заедно со својата сопруга и синот, пристигна шефот на државата Ѓорѓе Иванов и застана рамо до рамо со верниците. По кратко пристигна и премиерот Емил Димитриев со сопругата.

Градскиот татко Коце Трајановски во Соборниот храм пристигна заедно со директорката на Комисијата за верски заедници, Валентина Божиновска, која во јавноста беше актуелна со нејзиниот говор на протестот пред Државната изборна комисија, кој го спореди со хитлеровата ноќ на долгите ножеви.

Функционерите од ВМРО- ДПМНЕ, заедно ја следеа литургијата, но на страна од сите нив беше застанат министерот за надворешни работи, Никола Поповски.

На изненадување на новинарските екипи и дел од присутните граѓани, во храмот не се појави екс- премиерот Никола Груевски.

Откако заврши божикната литургија, Иванов и Димитриев дадоа изјави за новинарите, преку кои им го честитаа празникот на верниците, но не одговорија конкретно на прашањата за актуелната политичка состојба во земјава.

Со слична порака и премиерот Димитриев. Тој вели дека не е вклучен во процесот на преговори за коалицирање и дека очекува изборната неизвесност да заврши во понеделник.

Божикна честитка до верниците испрати и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев.

„Посакавме слобода, вистина, правда. Бевме исправени пред големи предизвици да ги браниме. Покажавме одлучност, храброст и големо трпение. Подадовме рака едни кон други. Одлучивме да ја следиме својата совест и успеавме да одговоривме на искушенијата на нашата волја. Го избравме доброто наспроти злото“, напиша Заев.

Инаку законскиот рок во кој Иванов треба да го додели мандатот за формирање влада на партиите кои имаат мнозинство во парламентот истекува во понеделник.

Извор: 24 Вести

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e