Класифицирани судии

Македонија е веројатно единствена држава каде што гонењето на криминалот е пострашно од самиот криминал. Македонија е држава каде што е загрозена националната безбедност ако е осомничен лидерот на партијата што десет години е на власт, оти и обидот за откривање како се правел евентуален криминал е класифицирана информација.

Во Македонија толку е страшна борбата против криминалот, што тоа ќе ја загрози сигурноста на државата.

Прво, на оваа власт ѝ беше крив Киро. Па потоа долги години за сѐ беше крив Бранко. Па СДСМ беше крив. Па Заев беше крив. Па странските служби беа криви. И комбињата што шетале и прислушувале беа криви. Па СЈО беше криво. Па амбасадорите беа криви. И сега, дојде времето Сорос да е крив за сѐ. Па и за политичката криза.

Можат тие и понатаму да бараат виновници зошто државата е во криза. И можат да направат уште 100 невладини организации и против СДСМ и против СЈО и против Сорос и против Катица, па и против ДУИ ако треба. Можат и сите информации да ги класифицираат, па и новинарите да ги отстрануваат од судница „за секој случај“. Како што можат да ги острануваат со сила и пратениците од опозицијата во Собранието. Можат и уште сто протести во Њујорк, а од вчера и во Вашингтон пред Белата куќа да организираат, за да му ги отворат очите на Трамп кој е најголемото зло во Македонија.

Ама и после сè останува главното прашање: Што правиме со криминалот? Оној криминал што го слушнавме во бомбите од прислушуваните разговори. Оној криминал што се препознава од гласовите што ни се добро познати од вестите на телевизиите и од спонтаните и организирани митинзи. Што правиме со незаконското прислушување? Што правиме со провизиите и процентите? Што правиме со криењето убиства? Што правиме со тефтерчињата на кандидатите за судии? Што правиме со политичките одмазди со динамит? Што правиме со плацевите на Водно? Што правиме со нарачувањето насилства, пиштења, вриштења? Што правиме со мерцедесот од 600.000 евра со екранчиња на задните седишта? Конечно, да се вратиме на основното прашање од кое сè почна – Што правиме со масовното кршење на приватност и човекови права?

Македонија е единствената држава каде што обидот да се открие кој правел криминал се претставува како политичка криза. И тие што бараат криминалците да бидат откриени и казнети се непријатели на државата, предавници и загрозувачи на националната безбедност. A раководството на ВМРО-ДПМНЕ упорно се обидува да ѝ даде политички тон на кризата што произлезе од неказнување криминал. Демек, станува збор за различно мислење и борба меѓу патриоти и предавници, а не за политичари осомничени и обвинети за криминал. Не нè спасуваат тие нас од политичка криза. Се спасуваат себеси и нашите пари што ги украдоа, оти не сакаат да одат во затвор.

Целата колумна на Горан Михајловски за СДК на следниот линк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e