Договориле пак да се сретнат, но не се знае кога. Ова е резултатот по вчерашниот краток состанок на Специјалното јавно обвинителство со странските преставници на компанијата, реализирана во управната зграда на „Македонски Телеком“. Официјални детали нема ниту денеска. Неофицијално, тимот обвинители предводен од Ленче Ристовска на состанокот договриле Телеком да постапи по барањата на СЈО и да овозможи пристап до базата на податоци на овој телекомуникациски оператор. До оваа средба дојде откако Кривичниот суд четири пати одби да даде наредба со која СЈО ќе ги провери компјутерските системи на „Македонски Телеком“. Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца – Николовска средбата на СЈО и на преставници на „Македонски Телеком“ ја оцени како позитивен исчекор. Сопките на Кривичниот суд за тимот на Јанева, упатуваа на тоа дека телекомуникацискиот оператор го имаат клучот за тоа кој нелегално ги слушал телефоните во Македонија, вели Цаца – Николовска.
„Очигледно дека има некоја потреба да има таква забрана. Никој не дава аргументи зошто е тоа така, меѓутоа мислам дека веќе е отворена вратата имајќи во предвид што се случува во САД во врска со настаните со Телеком. Така да, Македонија не може да остане затворена во таа сфера“. – изјави Маргарита Цаца-Николовска, поранешен судија во ЕСЧП
Катица Јанева уште лани се пожали дека Кривичниот суд одбива да издаде наредба за пребарување на системите во „Македонски Телеком“. Објаснувањата од скопска единица беа дека барањето на СЈО е нејасно а локацијата на серверите е променлива. Тимот на Јанева веќе потврди дека граѓани, новинари, бизнисмени и политичари биле следени без судски налог, а претресот во Телеком треба да ги даде одговорите во случаите „Тврдина“ и „Таргет“ за тоа кој нелегално прислушувал во Македонија и за која потреба. Доказите кои досега ги обезбеди СЈО упатуваат дека незакоснки биле следени 4.286 телефонски броеви, а 1.541 број бил прислушуван иако завршила судската наредба.