„Канал 5“: 37-годишна мајка на две деца почина по две операции на Дигестивна хирургија

Елена Ѓорѓиевска, пациентка со Кронова болест, починала по две операции на Клиниката за дигестивна хирургија на возраст од само 37 години, а семејството се сомнева на лекарска грешка, објави „Канал 5“.

Жената била мајка на две деца. Нејзината снаа Ирена Димовска за телевизијата вели дека Елена починала истиот ден кога ја отпуштиле од болница, а сопругот смета дека тоа е резултат на несоодветно лекување, а додава и дека хирургот што ја оперирал пост-оперативниот третман им го доверил на специјализантите бидејќи тој заминал за Америка па и тие довеле до смртниот исход.

– Вината се гледа во докторската грешка, лошо, целиот случај од самиот почеток до крај. Не е во ред. Колку пациенти беа оперирани од таа болест, заминуваа, сите ги испраќавме, само Елена не, вели Игор Ѓеорѓиевски, сопруг на жената за Канал 5.

-Првата операција е многу погрешна од наш аспект гледано, на семејството, бидејќи она беше се полошо и полошо, секој ден повраќаше, тоне, се губи. Прашувавме колку дена треба да поминат за да стане од операцијата, а тие ни кажуваа дека ќе биде добро. Ќе почне да внесува храна и ќе биде добро. За жал, тие единаесет дена до втората операција немаше подобрување – вели Ирена Димовска.

Голготата на семејството не започнала во Дигестивна хирургија, бидејќи претходно била хоспитализирана и на Гастроентерохепатологија. Целата документација што ја имаат, без отпусното писмо, ја дале и до Државниот здравствен инспекторат, и очекуваат надлежните да ја утврдат вистината.

-Дали треба, бидејќи се води се уште на болничко лекување, немаме отпусно писмо, дали треба ние сега да платиме што Елена си ја погребавме. Јас тоа прашувам, и до Министерот ако треба и до Директорот. Се уште за жал Елена се води на болничко лекување а седум дена веќе сме без неа, ја погребавме.- Ирена Димовска

Од Државниот здравствен инспекторат за Канал 5 потврдија дека ја имаат пријавата и ќе направат вонреден надзор, а Директорот на Дигестивна Огнен Костовски вели дека е запознаен со случајот и дека има намера да формира и внатрешна комисија во самата клиника за да се утврди стручното постапување. Од Клиниката за Канал 5 посочуваат дека „по завршување на постапките, доколку се утврди постоење на вина во делот на лекувањето ќе се постапи согласно закон и ќе има санкции“.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e